Регион

Србија: Прогласен црвен метеоаларм поради студот

8. јануари 2017 - 13:40 | Макфакс

Температурите во Србија денеска се трет ден со ред длабоко под нулата, поради што на територијата на целата држава е прогласен црвен метеоаларм, а во околината на Сјеница и на Пештерската висорамнина со снежните намети високи и од четири метри блокирани се повеќе од сто села, со околу 10.000 жители.

Најкритична е состојбата на југот од Србија, а вонредната состојба е прогласена во општините Медвеџа, Сјеница, Алексинац и Блаце, од кои припадниците на Секторот за вонредни ситуации при МВР на Србија досега евакуирале најмалку 113 луѓе.

Во Сјеница утринава биле измерени минус 27 Целзиусови степени, во Лесковац -25, на Копаоник -24, во Куршумлија -23, а во Белград -14 степени, а за посилно чувство на студот придонесува повремениот ветер.

Началникот на Управата за управување со кризи на Секторот за вонредни ситуации, Живко Бабовиќ, за српските медиуми изјави дека се проодни сите сообраќајници од прв и втор приоритет, но проблемот е кај локалните патишта од третиот и четврт приоритет кои водат кон селата во Нишавскиот, Зајечарсиот, Пчињскиот и Сјеничкиот округ.

Особено е опасен мразот на коловозите под снежните наноси, па на возачите им се препорачува дополнителна внимателност.

Од јавното претпријатие „Патишта на Србија“ повторни апелираа да не се тргнува на пат без итна потреба, а хидрометеоролозите изразено студени денови најавуваат до среда со утрински температури од -18 до -10 степени, а во планинските области и до -25 Целзиусови степени.

На патиштата и граничните премини во соседна Србија се создаваат гужви поради завршувањето на новогодишните и божикните празници, па на премините кон Хрватска се чека по околу три часа, а кон Унгарија два часа, додека од српскиот авто-мото сојуз не објавија за застој на границата кон Македонија.

Коментирај