Авто новости

Старата школа во ново пакување: Land Rover го претстави Defender

11. септември 2019 - 10:54 | А.С.

Новиот Defender доаѓа на местото на класичниот модел што Land Rover престана да го произведува пред три години.

Стариот Defender замина во легендите во 2016 година, кога по речиси седум децении заврши сериското производство на возилата кои од нивното создавање до самиот крај имаа препознатлив „коцкаст“ изглед, со повремено рестилизирање на каросеријата.

Land Rover пред неколку години сепак одлучи да го згасне класичниот Defender и да им понуди на купувачите значително помодернизирана верзија што сепак ќе ги има исклучителните теренски возни карактеристики типични за претходникот.

Потполно новиот модел повторно има „коцкаста“ силуета, со одредени стилски елементи инспирирани од дизајнот на оригиналниот автомобил.

Сепак, Land Rover ги ублажи острите линии на претходниот модел, што е особено воочливо кога го гледате возилото од напред.

За почеток, на купувачите ќе им бидат понудени две дизел варијанти, потоа еден четирицилиндарски бензинец, како и бензинец со шест цилиндри и хибриден погон.

Основната дизел верзија е 2.0 SD4 со 200 коњски сили, а оние кои сакаат поголема моќност, имаат на располагање агрегат со иста зафатнина, но со 240 коњски сили.

Основната бензинска верзија ја сочинува 2.0 Si4 со 300 коњски сили, а на врвот на понудата е 6-цилиндарски 3.0 i6 со „благ“ хибриден погон и вкупна моќност од 400 коњски сили.

Од Land Rover велат дека новиот модел може да помине низ водна препрека со длабочина до 90 сантиметри.

Внатрешноста на автомобилот го има задржано конзервативниот дизајн, со едноставни, правоаголни геометриски форми и прави линии, но изобилува со современи технолошки содржини, вклучувајќи 10-инчен мултимедијален дисплеј.

Новиот Land Rover Defender ќе има официјално деби на Саемот за автомобили во Франкфурт што за претставниците на медиумите почна вчера, а за јавноста ќе биде отворен утре, 12 септември.

Коментирај