Понеделник, 06.10.2008
Со објавувањето на овогодинешниот лауреат за Нобеловата награда за медицина кое ќе се случи денес во Стокхолм, започнува "нобеловата седмица" во која до 13-ти октомври по 107-ми пат ќе бидат прогласени добитниците на Нобеловите награди за 2008 година.

По желбата на шведскиот научник Алфред Нобел, наградите се доделуваат за најважни откритија во физиката, хемијата, физиологијата или медицината, за исклучителни литературни постигнувања, како и за активност во интерес на светскиот мир.
Лауреатите ги избираат комисии, кои се формираат од Кралската шведска академија на науките - за физика и хемија, од Кралскиот Каролински медикохируршки институт во Стокхолм - за физиологија или медицина, од Шведската академија за литература - за литература и петчлениот комитет, избран од норвешкиот Парламент - за зацврстување на мирот.
Од 1968 година е воведена и награда за економски науки, финансирана од Шведската национална банка.
Вредноста на Нобеловите награди оваа година изнесува 10 милиони шведски круни или 1,3 милиони долари.