Понеделник, 06.10.2008
Според стратегот на Ливерпул Рафаел Бенитез, Фернандо Торес е најдобриот напаѓач во Премиер Лигата. Шпанскиот стручњак е полн со пофални зборови за својот сонародник кој дојде минатата сезона од мадридскиот Атлетико и во првата сезона постигна 33 голови.
Година дена подоцна, Бенитез тврди дека неговата инвестиција од минатата година е повредна од многуте кои сезонава кренаа голема прашина во островската фудбалска јавност.
Бенитез за доаѓањето на Торес издвои 25 милиони евра. Шпанецот вели дека напаѓачот вреди до последната фунта која е вложена во него и дека е подобра инвестиција од Димитар Бербатов, кој за 38 милиони евра дојде летово во редовите на Манчестер Јунајтед, или Бразилецот Робињо кој е платен 43 милиони.
"Торес беше вистински потег. Вистина е дека неговата цена беше голема, но знаевме дека се работи за млад играч кој има многу простор да напредува. Мислам дека не згрешивме и според тоа што го прикажа до сега, сите видоа каков играч добивме минатото лето", вели Бенитез.
"Моментално, не би го менувал за ниту еден напаѓач. Исклучително сум задоволен од неговата реализација и мислам дека ќе биде уште подобар", додаде Бенитез.