Љубов и секс

Кога е време за збогум?

13. октомври 2008 - 13:12 |

Понеделник, 13.10.2008

Вртењето по згодни девојки или коментирањето за нив можеби се мани кои ќе ве разбеснат, но поради нив сигурно нема да ја раскинете врската со партнерот. Сепак, неверството, манипулирањето, лажењето и злоупотребата секако не спаѓаат во категоријата на однесување кое може да се толерира.

Врската се состои од бројни компромиси, простувања и замижувања. Но, тешко е некои постапки да се оправдаат или да се живее со нив. Еве ја листата на неприфатливи однесувања преку кои никако не смеете да пројдете, односно кои не смеете да ги толерирате во врска или во брак.

Неверство
Жените имаат различни погледи на тоа дали треба или не да се прости неверството. Дали е тоа спиење со некој друг или само бакнеж. За некои жени неверство е и самата помисла тој да сака да биде со друга. Но, без обзир на вашата дефиниција за неверство, запамтете дека иако сте му простиле, тоа не значи дека повторно нема да ве изневери.

Неверството може да се прости, но никако да се заборави. Тоа е најсериозното кршење на правилата во сериозната врска и повеќето луѓе сметаат дека кој еднаш ќе изневери, ќе го направи тоа повторно. Во таква ситуација, важно е да размислите и да погледнете каков ефект ќе има на понатамошниот развој на врската.

Изиграна доверба
Доколку на партнерот нешто сте му кажале во доверба, а тој го раскажал на своите пријатели, ќе се чувствувате изиграно и повредено. Довербата е нешто што се гради полека, а не нешто што доаѓа само од себе. Сознанието дека вашиот партнер не може да чува тајна е големо оптеретување на врската.

Манипулирање
Ова е исто така еден од најчестите проблеми кои се појавуваат во скоро секоја врска. Мажите склони кон манипулација сакаат да го променат изгледот на партнерката, начинот на облекување или однесувањето. Во некои случаи жените и не сфаќаат дека се менуваат само за да го направат среќен.

Лажење
Доколку во некој момент се уверите дека вашиот партнер ве лажел за ситници, не е исклучено дека ве лажел и за посериозни нешта. На скалата на неприфатливото однесување лажењето е на високо место. Ја руши довербата која е темел на квалитетна врска.

Непочитување на вашите пријатели и семејството
Иако можеби не се совршени, кон вашето семејство партнерот треба да се однесува со почит. Истото важи и за вашите пријатели, бидејќи сте ги имале уште пред да го запознаете него. Доколку одбива да ги прифати вашите пријатели и семејството, значи дека сака да ве оддвои од нив.

Малтретирање
Било кој вид на малтретирање е неприфатливо. Доколку ве малтретира емотивно или физички, треба да знаете дека е време за збогум. Понекогаш, најлошото малтретирање може да биде вербалното, бидејќи зборовите знаат да болат исто како ударите.

Коментирај