Гостиварската полиција соопшти дека 51 годишната М.Т од Јегуновце починала синоќа откако во полициското одделение во селото околу 23 часот пријавила дека нејзинот сопруг под дејство на алкохол ја удирал со тупаници.
Според полициските информации таа ја пречекала патрола што дошла да го испита случајот во нивната семејна куќа, но откако сите влегле во ходникот и во една од собите жената паднала на подот и починала. Сопругот бил приведен и против него најверојатно ќе биде поднесена кривична пријава за семејно насилство со смртни последици.
Телото на починатата е предадено за обдукција, а од куќата биле земени предмети за натамошни вештачења.
Увид извршиле екипи од обвинителството, истражен судија, полицијата и лекар од судска медицина.