Свет

Столтенберг: Германскиот предлог за зајакнување на НАТО доби поддршка од многу сојузници

20. ноември 2019 - 20:01 | МИА

Брисел, 20 ноември 2019 (МИА) – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање дали биле разгледани предлозите на Франција и Германија за зајакнување на Алијансата рече дека поддршка од многумина добил германскиот предлог. Столтенберг одби да одговори каква била реакцијата на францускиот предлог.

-Сите сојузници изразија силна поддршка за НАТО и важноста на трансатлантското единство, предлогот на министерот Хајко Мас доби поддршка од многу сојузници и сметам дека тој е вреден и ќе го разгледаме во пресрет на лидерската средба во декември каде ќе одлучиме што да правиме, изјави Јенс Столтенберг.

Прашан уште двапати за коментар на францускиот предлог, генералниот секретар одбегна да одговори директно.

На денешниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО членките, францускиот и германскиот претставник презентираа свои предлози за зајакнување на улогата на Северноатлантската алијанса.

Предлогот на Берлин предвидува креирање на експертска група која ќе дебатира за големите стратешки предизвици со кои се соочува алијансата. Париз од своја страна предложил “група на мудреци“ која ќе размислува за “иднината на НАТО“, но без повеќе детали за јавноста.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, разгневи бројни земји членки на НАТО пред неколку недели кога изјави дека Алијансата е во состојба на “мозочна смрт“ и го доведе во прашање механизмот на солидарност помеѓу сојузниците, кој предвидува земјите членки да си помагаат взаемно во случај на надворешен напад.

По ова интервју, германските претставници повеќепати повторија дека држат до НАТО и до трансатлантската врска, како и дека Европа треба да остане во партнерство со САД во делот на безбедноста. Франција од своја страна смета дека е важно ЕУ да ја зајакне сопствената одбрана.

Столтенберг на денешниот прес реагираше и на најавите од Париз дека Франција разгледува можност за затоплување на односите со Русија.

-Суштински е да бидеме обединети во пристапот кон Русија, НАТО редовно успева да има заеднички став, изјави првиот човек на Алијансата, давајќи ја за пример едногласната осуда на НАТО за руското прекршување на нуклеарниот договор кој престана да важи во август годинава.

Земјите членки на НАТО се согласија дека Москва е виновна за оваа состојба и покрај руските обиди да се префрли вината на САД.

-Исто така успеавме да имаме единство во начинот на кој одговоривме на крајот на нуклеарниот договор и свет со повеќе руски ракети, воздушна и ракетна одбрана, подобро разузнавање, важно е да останеме обединети, кога има разлики седнуваме да разговараме како што ќе го сториме тоа и вечерва, и уверен сум дека кога лидерите ќе се сретнат ќе најдеме начин да се усогласиме по прашањето за Русија, изјави Јенс Столтенберг.

Лидерите на земјите членки на НАТО ќе се сретнат на четврти декември во Лондон каде ќе се одбележи и седумдесетгодишнината на Алијансата.

Последниот самит на НАТО во Брисел беше тензичен поради барањата на Доналд Трамп до европските земји и Канада да ги зголемат нивните трошоци за одбраната. САД смета дека европските земји и Канада треба да одвојуваат поголем дел од буџетот за воената одбрана.

Коментирај