Свет

Страшна автобуска несреќа во Португалија: Загинаа 29 германски туристи

18. април 2019 - 8:36 | МИА

Страшна сообраќајна несреќа се случи вчера во Португалија кога автобус што превезувал германски туристи на португалскиот остров Мадеира се преврте и загинаа 29 лица, а 27 се повредени.

Автобусот, во кој патувале возачот, туристичкиот водич и 55 туристи од Германија, се превртел вчера во 18.30 часот на стрмна падина, откако на кривина излетал од патот и удрил најмалку во една куќа во населено  место, изјави градоначалникот на Фунчал, Филипе Соуша.

Меѓу жртвите има 17 жени и 12 мажи.

Потпретседателот на регионалната влада на Мадеира, Педро Каладо, на прес-конференција рече дека повредените, меѓу кои и португалскиот возач и локалниот водич, се пренесени во локалната болница.

Португалскиот премиер Антонио Коста на Twitter напиша дека ѝ упатил сочувство на германската канцеларка Ангела Меркел.

-Со голема тага ја примив веста за трагичниот настан во Мадеира, напиша тој.

Портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт, изјави дека „страшни вести стигнаа до нас од Мадеира”.

-Ние сме во најдлабока тага за сите оние кои ги загубија животите во несреќа на автобус, напиша тој на Twitter и додаде: „Нашите мисли се со повредените”

Тој, исто така, рече дека германската Влада воспоставила посебна телефонска линија за луѓето кои се загрижени за членовите на нивните семејства.

Властите соопштија дека ја испитуваат причината за несреќата.

Коментирај