Македонија

Судскиот процес за убиството на полицајците во Арачиново - 12 години без епилог

18. април 2012 - 14:13 | Макфакс

Судскиот процес за убиство на тројца полицајци на влезот од скопското село Арачиново и по 12 години нема судска разрешница.

Во јануари 2000–та година беа убиени Кирил Петрушевски, Ерол Готак и Ацо Ангеловски. Им се судеше на Лирим Динарица, Рамиз Асани, Муча Бајрами, Башким Асани, Агим Асани, Наим Асани и Емрула Емрула.

Судскиот процес пред 12 години започна со силно полициско обезбедување и притвор за сите обвинети. Денес во судница се само родителите на убиените.

„И по 12 години нема судска разрешница. Судот, иако има можност, не ги користи законски предвидените мерки да ги обезбеди обвинетите за судење. Ние постојано доаѓаме а нив ги нема”, кажа таткото на убиениот Ерол Готак  денес по најновото одложување на судењето. Со него беа и татковците на Ацо Ангеловски и Кирил Петрушевски.

По завршувањето на првата судска постапка, обвинетите беа ослободени и притворот им беше укинат. Единствен сведок на настанот беше полицаецот Горан Новковски.

Тогаш Основното јавно обвинителство, според исказот на првообвинетиот Лирим Динарица, го комплетираше обвинителниот акт. Тој во истражна постапка го признал убиството, а потоа на судењето даде спротивен исказ.

Крунскиот сведок на судењето, преживеаниот полицаец Новковски, тогаш тврдеше дека ноќта на полицајците им било кажано дека одат на специјална задача, за пронаоѓање крадени луксузни возила. Во специјалната акција тие биле пратени без панцир, гас-маска и без автоматска пушка, а згора на сето тоа немале ниту батериска ламба. Возилата ги проверувале со запалка. Според сведочењето, егзекуторот на полицајците бил во возило „опел кадет".

Сведокот Новковски, единствениот што го преживеа масакрот кај Арачиново, во претходната постапка рекол: „Убиецот кој пукаше во мене и во Аце Ангелковски, не е во судницата. Со убиецот се гледавме очи в очи". Ваквото сведочењето тогаш било бурно проследено со реакции од родителите на убиените полицајци. „Горане, кажи ја вистината, не плаши се. Ти сега плачеш, а ние плачеме ден и ноќ. Три семејства зароби", велеа родителите.

При распитот во претходната постапка, сите обвинети најдоа алиби дека, наводно, во време на случувањето на трагичниот настан биле во кафеана, дискотека и во болница.

Коментирај