Пакистански воени хеликоптери нападнаа позиции на исламистички екстремисти во Северозападната погранична провинција, при што загинаа најмалку 28 бунтовници.

Синоќешната операција е извршена неколку часа откако напаѓачи го застрелаа племенскиот водач Малик Гули Шах, кој е сојузник на пакистанските власти, и двајца негови телохранители.
Три хеликоптери отворија оган врз неколку позиции на групата „Лашкар-е-ислам“ во долината Хибер. Според пакистанската војска, меѓу 28-те убиени има и еден висок бунтовнички лидер. Во акцијата се уништени и пет автомобили, кои им припаѓале на екстремистите.
„Лашкар-е-ислам“ е талибанска група, предводена од Мангал Багх, за кого се претпоставува дека планирал напади врз НАТО силите во планинската провинција и врз пакистанските безбедносни сили во реонот.