Шест лица, меѓу кои и три деца, загинаа во пожар што избувна во една повеќекатна станбена зграда во населбата Камбервил во југоисточен Лондон.

Како што јави дописникот на МИА од Лондон, тројца од загинатите се најдени мртви на местото на пожарот, во целосно уништениот стан, додека другите три лица починаа малку подоцна во болница, како последица на тешките повреди и изгореници по телата. Други 20 лица беа префрлени во лондонските болници, поради проблеми со дишењето, но најголемиот број од нив се пуштени на домашно лекување.
Повеќе од 100 пожарникари беа вклучени во гасењето на пожарот и во спасувањето на луѓето. Преку 50 станари беа евакуирани на безбедно, за да се избегне поголема трагедија.
Веднаш е започната истрага за огнената стихија, но претставник на пожарникарската служба објасни дека ќе поминат недели, па и месеци додека не се утврди вистинската причина за случајот.
Еден од пожарникарите за Би_Би-Си изјави дека ваков голем пожар не видел во своето 30-годишно работно искуство.