Свет

СЗО: Бројот на заболени од морбили зголемен четирипати

17. април 2019 - 10:03 | МИА
Женева, 17 април 2019 (МИА) – Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека бројот на заболени од мали сипаници ширум светот во првите три месеци од 2019 година се зголемил четирипати во однос на истиот период минатата година.

СЗО наведува дека епидемии се забележани во сите делови на светот, а најдраматичен раст има во Африка – повеќе од 700 отсто.

Вистинската бројка може да биде и многу повисока, бидејќи глобално се пријавува само еден од 10 случаи на заболени, наведува СЗО, која истакнува дека морбилите понекогаш можат да доведат до сериозни здравствени компликации, вклучувајќи болести на белите дробови и на мозокот.

Украина, Мадагаскар и Индија се земјите во кои се најраспространети малите сипаници, каде се бележат десетици илјади случаи на милион жители.

Само во Мадагаскар од септември минатата година од морбили починале најмалку 800 луѓе.

Епидемии ги погодија и Бразил, Пакистан и Јемен, „предизвикувајќи голем број на смртни случаи – претежно на деца”, а има зголемување на бројот на случаи во земји каде што бројот на вакцинирани е висок, вклучувајќи ги САД и Тајланд.

Во 170 држави се регистрирани 112.163 случаи на мали сипаници, додека во истиот период во 2018 година во 163 земји имало 28.124 случаи.

Поголемиот дел од заболените, 94 проценти, не биле вакцинирани, нецелосни вакцинирани или со непознат статус на вакцинација.

Обединетите нации објавија дека болеста „целосно може да се спречи” со вистинска вакцина, но глобална покриеност на првата фаза на имунизација „застанала“ на 85 отсто, и „се уште не го достигнато нивото од 95 отсто вакцинирани, што е потребно за да се спречи појава на епидемии”.

Првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус и шефицата на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ), Хенриета Форе истакнуваат дека светот е „во сред криза на мали сипаници”, и дека за тоа е виновно ширењето на збунувачки и контрадикторни информации за вакцините.

– Повеќе од 20 милиони животи се зачувани благодарение на вакцините против сипаници само од 2000 година, наведоа шефот на СЗО и шефицата на УНИЦЕФ. 

Коментирај