Ракомет

Талески по Мундијалот се сели во Рајн Некар

3. јануари 2017 - 13:22 | Макфакс

Филип Талески по завршувањето на Светското првенство во Франција ќе се пресели во редовите на актуелниот германски првак Рајн Некар Левен, а нема да ја чека 2018 година како што првично се договорија двата клуба, објави Рајн Некар на својата официјална интернет страница.

Преговорите помеѓу Металург и Рајн Некар завршија успешно и македонски репрезентативец, 20-годишниот Талески, нема да ја чека 2018 година, туку веднаш по завршувањето на Мундијалот во Франција ќе го облече дресот на германскиот шампион.

„Задоволни сме што успеавме да издејствуваме Талески да дојде во клубот веќе во јануари. Тој ќе ја засили нашата бековска линија“, изјави за клупската интернет страница извршната директорка Џенифер Кетемен, дополнувајќи дека според договорот на клубовите нема да биде објавена сума која Рајн Некар ќе му ја плати на Металург како обештетување за Талески.

„Филип треба да има една од клучните улоги во тимот во блиска иднина“, смета спортскиот директор, Оливер Ригиш.

„Никогаш не криев дека сакам да играм во Бунеслигата. Се се случи многу брзо, а јас сум им благодарен на сите кои го иницираат трансферот. Сега сум фокусиран на Светското првенство во Франција, а потоа ќе се насочам кон новите предизвици со Рајн Некар, клуб кој според мене е еден од најдобрите во Европа“, изјавил Талески.

Македонскиот репрезентативец во Рајн Некар на грбот ќе го носи бројот 28.

Коментирај