Хроника

Татко и син смртно застрелани во атарот на село Слупчане

22. април 2019 - 12:53 | МИА

Татко и син се пронајдени мртви застрелани со огнено оружје во атарот на село Слупчане, синоќа во 22:40 часот, соопшти МВР.

Полициски службеници од Полициското одделение Матејче во атарот на село Слупчане, на местото викано „Слупчански бунар“, пронашле Opel Astra со скопски регистарски ознаки во кое биле две лица без знаци на живот.

Јавен обвинител и екипа од СВР Куманово излегле на местото на настанот и било констатирано дека непознат сторител со огнено оружје пукал во Е.С. (47) и неговиот деветгодишен син, двајцата од село Опае. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени за обдукција во Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје.

Истрелани биле повеќе куршуми од близина во возилото каде вчера беа пронајдени телата на таткото и детето во атарот на селото Слупчане, ќе се врши обдукција, ќе се вештачат подигнатите траги од местото и возилото, соопшти денеска обвинителството кое извршило увид.

„Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид во близина на село Слупчане каде синоќа беше пронајдено возило кон кое биле истрелани повеќе куршуми. На увидот беше констатирано дека од близина е пукано во патничкото моторно возило во кое се наоѓале две лица, возач и неговото осумгодишно дете. Двете лица биле смртно повредени и починале на лице место“, се наведува во соопштението на обвинителството.

По насока на надлежен јавен обвинител, увидната екипа на Министерството за внатрешни работи ги обезбеди и подигна трагите од лице место кои ќе се вештачат.

„Пронајдени се и подигнати поголем број испукани чаури преку чие вештачење се очекува да се утврдат битни факти во предметот. Ќе биде извршено вештачење и на возилото на кое се видливи повеќе траги од напад со огнено оружје. Издадена е и наредба за вршење обдукција на телата на починатите, стои во соопштението на обвинителството.

Основното јавно обвинителство Куманово во континуитет презема дејствија, со цел целосно расчистување на настанот.

Коментирај