Македонија

Тодоров: Жената не може сама да си побара царски рез, лекарот ќе процени

18. декември 2014 - 14:19 | Макфакс

Никаде во светот нема жената сама да си побара пораѓање со царски рез и докторот да има обврска тоа да го направи, изјави на прес конференција министерот за здравство, Никола Тодоров.

„Никаде во светот нема, жената сама да си побара царски рез и докторот да има обврска тоа да го направи, тоа е како некој да дојде и да каже дајте ми мене некаква терапија, па лекарот да мора да му даде таква терапија, тоа секаде во светот е забрането, затоа што докторот одговара за терапијата и за интервенцијата која ја презема. Не може пациентот да знае и не треба да сугерира што треба докторот да направи. Докторот е тој што учел за тоа и знае дали треба или не треба да се направи“ изјави Тодоров.

Министерството за здравство во ноември вовело упатство за практикување на медицина заснована на докази при царски рез или, како што изјави Тодоров, протокол којшто лекарите треба да го применуваат за да се намали бројот на царски породувања во Македонија.

Ова не е закон, нема казни заради непочитување, тоа е светски протокол и очекувам нашите лекари да го почитуваат, вели Тодоров.

„Нема ограничување на право за царски рез, ниту такво нешто сме наложиле. Донесен е протокол кој е базиран на светски практики, преземени се светски протоколи со медицина базирана на докази за царски рез, односно кога треба да се прави, кога не треба да се прави царски рез. Тоа е имплементирано, во Англија, во Франција, во Швајцарија, тоа протокол по којшто постапуваат сите доктори во тој сегмент во сите европски земји“, изјави Тодоров.

Според податоците на Министерството за здравство, кај нас во голем број на здравствени установи царскиот рез надминува 50 проценти од вкупниот број. Таков е случајот во болницата во Охрид, додека генерално во Македонија вкупниот процент на царски резови е некаде околу 30 отсто. Во околните држави, на пример Србија, Хрватска, Словенија е за десетина проценти помалку.

„Стручните лица кои изработуваат вакви протоколи или странските доктори кои доаѓаат во Македонија од САД или други центри. Сите негодуваат на оваа појава затоа што има сериозна предност, кога породувањето е природно во однос на породувањето со царски рез, односно породувањето со царски рез треба да се врши доколку за тоа има индикации и овој протокол ги кажува кои се индикациите за породување со царски рез и не е измислен од министерството за здравство, туку е преземен од најпозната база на протоколи во светот“, додаде Тодоров.

Ова упатство е задолжително и за приватните клиники во Македонија.

Здравствените работници  ја вршат здравствената дејност на медицинско згрижување на царски рез, по правило, согласно ова упатство. Во поединечни случаи по оценка на докторот, може да се отстапи од одредбите на ова упатство, со соодветно писмено образложение за причините и потребата за отстапување и со проценка за натамошниот тек на медицинското згрижување, при што од страна на докторот тоа соодветно се документира во писмена форма во медицинското досие на пациентот.

Согласност за царски рез треба да се побара откако на бремената жена ќе и се обезбедат сите потребни информации за царскиот рез. Бремената жена има право да одбие царски рез дури и кога е очигледно дека со тоа ќе се подобри нејзиното или здравјето на нејзиното бебе. Кога ќе се донесе одлука за царски рез треба да се направи список на сите фактори кои влијаеле на носењето на одлуката и кој од тие фактори имал најголемо влијание.

Планираниот царски рез се однесува на царски рез кој е закажан пред започнување на породувањето поради постоење на специфични клинички индикации. Царски рез не се нуди секогаш при повеќеплодна бременост и секако не се нуди при предвремено породување. На жени заразени со хепатит Б и Ц не треба да им се нуди царски рез бидејќи со тоа не се намалува ризикот од пренесување на инфекција на новороденчето, предвидува упатството.

Упатството е објавено на веб страницата на Министерството за здравство.

Коментирај