Рецензии

„Tomorrowland“ – Свет во кој сè е возможно

1. јуни 2015 - 14:48 | Маја Танушоска

Она што го има создадено компанијата Disney за помладите е навистина посебно. Кога ќе ги земете предвид бројните анимирани и играни филмови, како и тематските паркови кои создаваат еден посебен свет, лесно е да согледате зошто толку долго време овој бренд ја одржува магијата за децата. Таа магија требаше да биде преточена во новото скапо остварување „Tomorrowland“, но режисерот Бред Брд не успеа сосема да ја улови и прикаже.

„Tomorrowland“ е навистина голем проект. Потрошени беа 190 милиони долари за да се прикаже идеалниот свет за кој некогаш сонувал Волт Дизни. Овој филм првично требаше да го носи насловот 1952, но подоцна беше сменет и го носи насловот на футуристичката земја лоцирана во тематските паркови на Disney. 

Дејството е поставено околу младата Кејси Њутон (Брит Робертсон) која е оптимист по природа, иако светот околу неа се распаѓа. Таа ќе биде регрутирана од Атена (Рафеј Касиди), како последна надеж за да се спаси постоечкиот свет што го знае Кејси, како и оној посебен свет создаден од сонувачите во кој сè е возможно. За да го направи тоа, ќе ѝ биде потребна помош од Френк Вокер (Џорџ Клуни) кој некогаш имал прилика да го види идеалниот свет кој изобилувал со изуми и означувал напредок.

Идејата за ангажманот на Клуни била на режисерот Бред Брд. Клуни во едно од своите неодамнешни интервјуа изјави дека Брд го контактирал велејќи дека има напишано соодветна улога за него. Актерот почнал да го чита сценариото во кое неговиот лик е опишан како стар гневен тип кој постојано е во лошо расположение и првата мисла што му дошла била „еј, зошто си го напишал токму ова за мене“. Клуни ја толкува постарата верзија на Френк Вокер, кој како дете ја покажал својата генијалност, а неговиот став дека сè е возможно го однел во светот наменет за сонувачите во чии раце лежи иднината.

Детската верзија на Вокер е многу поразлична од онаа кога е возрасен. Возрасниот Вокер веќе не верува во идеален свет во кој сè е возможно, се чувствува измамено и е огорчен. Таа негова состојба е комплетна спротивност на она што го претставува младата Кејси Њутон (Брит Робертсон), непоправлива оптимистка која верува дека работите треба да се променат со дела.

Френк и Кејси го прикажуваат различниот начин на кој размислуваме во одредени периоди од животот – како дете мислите дека сами можете да го смените светот, а кога ќе пораснете мислите дека му нема спас. Во суштина, „Tomorrowland“ има топла порака која треба да предизвика возрасните да се сетат на своите детски соништа, а децата да се поистоветат со она што го гледаат. Проблемот е што тоа Брд на успешен начин го прикажува ова само на сегменти, а во вториот дел од дејството многу често не успева да ви го зароби вниманието. Филмот во првиот час изобилува со прекрасни одлично изведени визуелни ефекти, младата екипа е солидно одбрана (децата ангажирани за соодветните улоги се срцето на филмот) и генерално има и добар хумор, но потоа се претвора во приказна која кон крајот ја губи магијата, иако тогаш треба да ја покаже својата силна поента. Ако во почетокот имате големи очекувања, подоцна многу е возможно да се досадувате, а доколку со себе поведете дете ќе се помачите додека му го објасните дејството. Можеби требало да го скратат и да го направат на тој начин поефективен, а воедно и да го поедностават начинот на раскажување за да не мора да се трудите да им го објаснувате на најмалите (бидејќи сепак ова е филм кој е семеен и е наменет за со себе да ги поведете нив.)

Значка која ве пренесува во светот во кој сè е возможно, кул гаџети, изгледот на иделниот свет се прилично примамливи како концепт, но малку заглавиле при реализацијата на сите тие елементи. Во пракса, досегашната заработка на „Tomorrowland“ (до овој момент изнесува нешто над 133 милиони долари во светски рамки), доволно зборува за тоа дека Disney не го доби ефектот што го посакуваше. Гледачите што беа меѓу првите што го погледнаа не му дадоа врвна препорака и тоа секако има влијание врз начинот на кој истиот се перцепира. Но, има и една грешка што беше направена во маркетинг стратегијата. Овде се одеше на стратегијата што ја прави Нолан за своите филмови - навестување за спектакл кој долго време беше обвиткан во мистерија. Но, Брд во тој поглед ја нема мајсторијата на Нолан и големиот проект што требаше да биде обвиткан во мистерија не помина како што треба, па веројатно на оваа карта нема да се игра во иднина.

Откако излегоа бројките од заработката од овој филм, Disney според она што го пренесе The Hollywood Reporter, одлучи да направи пауза со еден голем проект што беше планиран за годинава. Станува збор за третиот дел на „Tron“ за кој продукцијата ќе биде одложена на неодредено време и наводно можно е да нема трет дел. Ова се шпекулации, меѓутоа многу е веројатно дека студиото ќе има потреба да преиспита дел од големите проекти, бидејќи се покажа дека бомбастичните буџети не се секогаш гаранција за врвен производ.

Дали е „Tomorrowland“ лош филм? Не, не можете да го ставите во таа група. Ова е филм кој ветуваше многу, но во пракса понуди просечен квалитет, затоа и не добива врвни критики. Инаку, има топла позитивна порака што почесто треба да биде претставувана пред младата публика и поради тоа обидот е за поздрав. Штета само што не било сето ова изведено малку поумешно.

Loading the player...

Коментирај