Бизнис

Трамп најави царини за производи од ЕУ вредни 11 милијарди долари

9. април 2019 - 16:58 | МИА

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека САД ќе воведат царини на производи вредни 11 милијарди долари од ЕУ, еден ден откако американските трговски власти предложија попис на европски производи на кои ќе целат поради тековниот спор околу Boeing и Airbus.

„Светската трговска организација смета дека европските субвенции за Airbus негативно влијаеле на САД, која сега ќе воведе царини на европски производи со вредност од 11 милијарди долари. ЕУ со години ги искористува САД во трговијата. Ова наскоро ќе престане!“ напиша денеска Трамп на Twitter.

Двете страни се наоѓаат во долгогодишен глобален трговски спор поради меѓусебните обвинувања за незаконски субвенции за произведувачите на авиони Airbus, со седиште во Холандија и американскиот Boeing, а со цел да им обезбедат предност во авиоиндустријата.

Американскиот претставник за трговија Роберт Лајтхајзер вчера најави воведување царини како одмазда за субвенциите за европскиот произведувач на авиони.

САД и ЕУ се во спор од 2004 година со взаемни обвинувања за нелегална помош на авиогигантите Boeing, односно Airbus, кој со години се води во СТО.

Во март 2012 година СТО утврди дека субвенциите за Boeing, вредни повеќе милијарди долари, биле незаконски, поради што апелираше на САД да ги запрат. Но, неколку месеци подоцна, ЕУ поднесе нова тужба пред СТО, тврдејќи дека Вашингтон не ја почитува изречената препорака.

Субвенциите на кои се жали ЕУ, му овозможиле на Boeing своите авиони да ги продава поевтино во однос на европскиот ривал Airbus, посочи неодамна Европската комисија, дополнувајќи дека очекува Вашингтон веднаш да ја спроведе одлуката на СТО.

Во меѓувреме, неименуван европски функционер денеска најави одмазда поради субвенциите кои Вашингтон му ги дава на Boeing.

Коментирај