Помалку од еден месец до премиерата на третата сезона на популарната серија „The Crown“, стриминг платформата Netflix го објави официјалниот трејлер.
Во позадина на двоминутниот трејлер оди кавер верзија на „The Times They Are A-Changing“ на Боб Дилан, а публиката се запознава со новите членови на актерската екипа за новата политичка клима во Велика Британија.
Веќе знаевме дека оскаровката Оливија Колман ќе ја замени Клер Фој во улогата на кралицата Елизабета Втора, но сега имаме подобра претстава како ќе изгледа тоа.
Во трејлерот ја гледаме и Хелена Бонам Картер во улогата на принцезата Маргарет и за прв пат можеме да ја видиме Емералд Фенел како Камила Паркер Боулс, како и Џош О’Конор во улогата на принцот Чарлс.
Новата сезона носи и политички промени – дејството се случува меѓу 1964 и 1977 година. Очекувајте драма од Студената војна, битлсманија и моментот кога Англија го освои Светското првенство во фудбал во 1966 година.
Новата сезона почнува на 17 ноември.