Регион

Три жртви на ниските температури во Бугарија

8. јануари 2017 - 13:57 | Макфакс

Поларниот студ што го зафати Балканот, во соседна Бугарија ноќта кон неделата однесе три животи во областа на Ќустендил, каде е измерена најниска температура од минус 26 Целзиусови степени, пренесуваат медиумите.

Поради многу ниските температури особено во западна Бугарија, локалните власти воведоа вонредни мерки и продолжен е распустот за учениците.

Повеќе патни правци и во централниот дел од земјата се непроодни, особено кон руралните области. Железничкиот патнички сообраќај, исто така, е во прекин, и се движат само брзите возови. Поради мраз од централната железничка станица во Софија возовите поаѓаат со големо задоцнување.

Медиумите јавуваат и за запирање на пловидбата по Дунав кај Свиштов, поради многу ниските температури и формирање мраз во ракавите и устијата на реките.

Поради ниските температури кои се очекуваат да траат најмалку до вторникот со просечна максимална температура од минус 12 степени, а минимални меѓу -21 и -18 степени, Националниот институт за метеорологија и хидрологија (НИМХ) прогласи портокалов метеоаларм за Софија и за областа на бугарската престолнина, како и за Перник и Ќусендил.

Властите, исто така, предупредуваат на можност од лавини во планинските области, каде снежната покривка е меѓи 60 и 150 сантиметри, но поради силните ветрови формирани се високи наноси од снег. Жичниците и ски-лифтовите се во функција во сите зимски одморалишта, каде не се пријавени проблеми.

Поради ниските температури, се очекува потрошувачката на струја да ги собори сите рекорди во последните 20 години, особено во најстудениот ден вторник. Операторите со електроенергетскиот систем прогнозираат потрошувачка на 7.500 мегавати доколку температурите се движат околу -12 степени. Последната рекордна потрошувачка на струја во Бугарија е регистрирана на 1-ви февруари 2012 година, од 7.400 мегавати, кога температурите приближно биле исти како и сегашните.

Коментирај