Twitter денеска најави дека ќе започне со тестирање на нова апликација наречена Twttr, која ќе има за задача да ја трансформира апликацијата во експериментална платформа за тестирање на нови опции и карактеристики.
Twttr го позајмува оригиналното име на апликацијата Twitter, а таа за првпат беше претставена на јавноста за време на CES 2019 во јануари, но дури сега е достапна за првата група тестирачи.
За почеток, Twttr ќе биде користена како апликација која ќе наоѓа начини за подобро читање, разбирање и вклучување во разговори, но во иднина би можела да го трансформира начинот на кој Twitter изгледа и работи.
„Twitter истражува нови начини за да ги подобри конверзациите кои ве интересираат, како и да ги направи полесни за читање, разбирање и вклучување во нив“, пишува во објавата на блогот на Twitter.
Технолошката компанија покани корисници на Twitter за да го тестираат прототипот на програмата и со тоа им дозволи да ја видат почетната верзија на апликацијата. За почеток, само неколку илјади „твитачи“ на англиски и јапонски јазик ќе бидат поканети да го користат Twttr, но ќе им биде дозволено отворено да зборуваат за оваа апликација.
Ако новите карактеристики и измени се покажат како успешни, веројатно ќе бидат додадени на основната Twitter апликација.