Свет
Во воздушен напад во Јемен

Убиен еден од водачите на Ал Каеда

30. септември 2011 - 14:01 | Макфакс

Министерството за одбрана на Јемен соопшти дека е ликвидиран еден од лидерите на Ал Каеда, радикалниот имам Анвар ал-Авлаки, пренесува Reuters.

„Терористот Анвар ал-Авлаки е убиен заедно со уште неколку негови соработници“, се вели во писмената изјава на министерството за одбрана на Јемен, што ја цитира агенцијата

Јеменски медиуми објавија дека ал-Авлаки бил убиен во воздушен напад на американско беспилотно летало во провинцијата Абијан на југ од земјата.

Во јуни годинава американските медиуми објавија дека американската Централна разузнавачка агенција ЦИА гради тајна воздухопловна база на Блискиот Исток, која ќе служи како центар од кој ќе полетуваат беспилотните летала кои ќе извршуваат напади врз позициите на исламистичките милитанти поврзан со Ал Каеда во Јемен.

Претходно во петокот, претседателот на Јемен, Али Абдула Салех, во интервју за американскиот весник Washington Post потврди дека и покрај политичкиот притисок од Вашингтон, САД продолжува да обезбедува помош за Јемен во борбата против тероризмот.

Ал-Авлаки е американски државјанин, роден во Ново Мексико а израснат во Јемен. Како што беше наведено од страна на еден агент на ФБИ, ал-Авлаки со измама добил грант за образование на Универзитетот Колорадо во раните 1990-ти, намерно ставајќи погрешно место на раѓање во прашалникот за добивање на грантот. Додека бил студент, ал-Авлаки се свртел кон радикалниот ислам и почнал да проповеда во џамиите во Сан Диего и во Форт Колинс во сојузната држава Колорадо.

Имамот го привлекол вниманието на ФБИ врз себе во 1999 година. Истрагата се сомневала дека тој контактирал со некои агенти на Ал Каеда, кои одржувале сателитска врска со Осама бин Ладен. Поради недостигот од докази, случајот е затворен.

Според ФБИ, ал-Авлаки, исто така, ја посетувал џамијата во Сан Диего, во сојузната држава Калифорнија, заедно со Наваф ал-Хазми и Калид ал-Мидхар, коишто на 11-ти септември 2001 го киднапираа авионот којшто потоа го урнаа врз зградата на Пентагон. Агентот на  ФБИ е убеден дека ал-Авлаки однапред знаел за нападот.

Јеменските власти потврдија дека ал-Авлаки имал средби со обвинетиот за обид за извршување терористички напад во авионот А-330 над аеродромот во Детроит на 25-ти декември 2009 година, државјанинот на Нигерија, Умар Фарук Абдулмуталаб.

Ал-Авлаки, исто така, контактирал и со мајорот Малик Хасан  лекар психијатар во американската армија, кој во 2009 година застрела 13 луѓе во воената база во Тексас

Во средината на јануари 2011 година, јеменскиот суд во отсуство го осуди ал-Авлаки на казна затвор од десет години по обвинение за поттикнување на убиство на странски државјани и одржување врски со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда.

Директорот на Националниот контраразузнавачки центар на САД, Мајкли Лејтер, го нарече ал-Алваки центар, најуспешните промотор на екстремистички ставови на интернет, притоа тврдејќи дека имамот може да претставува најголемата закана за американската национална безбедност.

Откако на почетокот од мај во Аботебад во Пакистан беше убиен водачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, повеќето светски експерти за борба против тероризмот не исклучуваа дека на негово место може да дојде токму ал-Алваки.

Коментирај