Покрај Белгија, пласман на Европското првентсво викендов обезбедија и Русија, Полска и Италија, а Австрија само математички треба да потврди.
На Русите им беше потребен само бод на гостувањето на Кипар, но го сомлеа противникот и со победа од 5:0 во голем стил го потврдија пласманот. Денис Черишев уште во 9-тата минута ја најави голеадата, Магомед Оздојев зголеми на 2:0, а проблем плус за Кипраните направи Константинос Лаифис со несмасниот фаул поради кој заработи исклучување. До крајот погодија уште и Артјом Ѕјуба, Александр Головин и повторно Черишев. За Русија ова ќе биде петто ЕУРО по ред.
Полска не само што си ја заврши работата против Македонија победувајќи 2:0 со головите на Пжемислав Франковски и Аркадиуш Милик, туку и благодарение на триумфот на Австрија кај Словенија прослави пласман на четврто ЕУРО по ред.
Австрија со тој триумф математички не е пласирана, но со оглед на тоа што во еден од наредните два натпревара игра против слабата Латвија, сѐ освен нивна победа би била огромно изненадување. Победничкиот гол во Љубљана беше дело на Штефан Пош во 21-вата минута.
Италија во саботата го букираше своето место. Осма победа во осмиот натпревар, овој пат жртва на „аѕурите“ беше слабата Грција. Жоржињо од пенал во 63-тата минута ја најави победата која подоцна ја потврди Федерико Бернардески.