Фудбал

ВАР не простува ни милиметар: Поништен хет-трикот на Марио Гомес

2. декември 2019 - 14:38 | А.С.

ВАР веќе на големо е составен дел од фудбалот на највисоко ниво, а играчите и навивачите честопати се на работ на нервите поради судиските одлуки донесени по консултациите со оваа технологија.

ВАР не простува ни милиметар, па низвесноста дали „за влакно“ имало или немало офсајд ги фрла фудбалерите во очај.

Замислете тогаш како му беше синоќа на Марио Гомес кога ВАР му поништи не еден, не два, ами три гола и тоа за милиметарски офсајд престапи.

Неговиот Штутгарт му гостуваше на Сандхаузен и беше поразен со 2:1. Домаќините поведоа во првата минута со голот на Азиз Бухадуз, а во десеттата Гомес даде гол, но ВАР рече – милиметарски офсајд.

Потоа Бухадуз ја зголеми разликата на 2:0 во 24-тата минута, а во продолжението на првото полувреме Гомес постигна прекрасен гол со „ножички“. ВАР пак рече – нема гол. Повторно офсајд. Повторно милиметарски.

Гомес третпат погоди во 71-вата минута и веднаш погледна во судијата. ВАР и по третпат пресуди против напаѓачот на Штутгарт кој во неверување следеше што се случува.

Така, модерната технологија го остави легендарниот Гомес без хет-трик, а Штутгарт без сигурна победа.

Штутгарт успеа да постигне „почесен“ погодок во 89-тата минута кога од белата точка погоди Силас Вамангитука за конечни 2:1.

„За нас напаѓачите ВАР е катастрофа. Среќа што сум на крај на кариерата, па нема да морам да се соочувам со ова уште десет години. Ова е првиот поништен чист хет-трик во историјата“, рече разочараниот Гомес (34) по натпреварот.

Коментирај