Авто новости

Вашата Tesla ќе може да менува ленти без да побара дозвола

4. април 2019 - 15:42 | К.З.

Од денеска, Tesla е еден чекор поблиску до креирање на иднина во која сечиј автомобил самостојно ќе биде способен да менува коловозни ленти и да претекнува други автомобили на патиштата.

Автопилотот во возилата на Tesla од денеска добива посебен мод на работа, со кој може да ги претекнува останатите автомобили на патот, без притоа да има потреба од дозвола или помош од возачот.

Претходно требаше само да ја внесете дестинацијата во автопилотот и да ги држите рацете на воланот, а нозете на педалите, за вашата Tesla да ве одржи на патот и да ве однесе до местото каде сакате да одите. Повремено на автопилотот му беше потребна потврда од возачот за претекнување на други возила и менување ленти, но тоа не беше ништо комплицирано. Од денеска, нема да има потреба ниту од тоа.

Со новиот софтвер на автопилотот, тој воопшто нема да има потреба од потврда или дозвола од возачот за претекнување други возила доколку тоа не му биде претходно нагласено.

„Во менито на автопилотот, возачот може да одбере дали автомобилот ќе бара дозвола од него за менување на ленти и претекнување на автомобили. Ако возачот одбере целосна автономија на автомобилот, тогаш неговата Tesla самата ќе менува ленти, притоа известувајќи го возачот за тоа. Сите автомобили произведени по август 2017 година ќе имаат опција да вклучат вибрирање на нивниот волан како еден вид нотификација за промена на коловозната лента“, пишува во известувањето од Tesla.

Како што нагласи Елон Маск, известувањето на Tesla изгледа многу помалку атрактивно отколку што е вистинското значење на оваа промена.

Од компанијата велат дека софтверот е веќе тестиран на повеќе од половина милион километри. Тој ќе се појави во САД уште денеска, а компанијата вели дека и останатите земји ќе го добијат овој апдејт во следниот период, во зависност од процесот за добивање на дозвола за него.

Коментирај