Ф1

Вебер на пол позицијата во Сузука

12. октомври 2013 - 10:12 | Макфакс

Марк Вебер, по 13-ти пат во кариерата ќе стартува од пол позицијата на една трка во Формула 1 првенството. Возачот на Ред Бул ја освои пол позицијата во пресрет на трката за Големата награда на Јапонија, кој вo недела ќе се вози на патеката во Сузука.

Австралиецот доминираше во последната квалификациска сесија, при тоа поставувајќи најбрзо време 1:30.915 минути, кое беше недостижно за конкурентите.

Друштво на Вебер во првиот стартен ред на трката во Јапонија ќе му прави неговиот тимски колега Себастијан Фетел.

Од вториот ред ќе стартуваат Луис Хамилтон (Мерцедес) и Роман Грожан (Лотус).

Меѓу првите десет пласман уште изборија: Фелипе Маса (Ферари), Нико Розберг (Мерцедес), Нико Хулкенберг (Заубер), Фернандо Алонсо (Ферари), Кими Раиконен (Лотус) и Џенсон Батон (Мекларен).

Трката за Големата награда на Јапонија, на патеката во Сузука ќе се вози во недела со почеток во 8 часот по средноевропско време.

Коментирај