Кошарка

Вестбрук со топка по судијата, Батлер го сруши Кливелнд

5. јануари 2017 - 10:26 | Макфакс

Кошаркарите на Голден Стејт забележаа нова победа, шампионот Кливленд загуби во Чикаго, Клиперси ја прекинаа низата од шест порази, а Расел Вестбрук доби техничка бидејќи го погоди судијата со топка во главата.

Расел Вестбрук повторно беше најдобриот играч на Оклахома, но негвоите 33 поени, 15 скокови и 8 асистенции, не беа доволни да го спречи поразот од Шарлот со 123:112. Вестбрук од поле имаше реализација од само 32 отсто, а кошмарната ноќ ја заокружи со потегот поради кој доби техничка грешка. По мечот, Вестбрук изјави дека немал намера да го погоди судијата со топка во главата. Инаку, Шарлот победи благодарение на Никола Батум (28 поени) и Кемба Вокер (20 поени).

Loading the player...

Кливленд без Кајри Ирвинг и Кевин Лав загуби во Чикаго со 106:94. Леброн Џејмс го предводеше Кливленд со 31 поен, 8 скокови и 7 асистенции, додека кај Чикаго се истакна Џими Батлер кој 14 од своите 20 поени постигна во последната четвртина. Чикаго на овој меч постави сезонски рекорд, постигнувајќи 13 тројки.

Голден Стејт запиша нова победа и ја задржа лидерската позиција на табелата. Вориорс славеа над Портланд со 125:117, благодарение на одличното издание на Стеф Кари и Кевин Дурент кои постигнаа 35, односно 30 поени. Кај Порталнд се истакна Си Џеј Мекалум со 35 кошеви.

Низата од шест порази Клиперси ја прекинаа со триумфот над Мемфис од 115:105. Остин Риверс со 29 кошеви беше предводник во победата.

Loading the player...

На другите натпревари Атланта го победи Орландо со 119:112, Мајами славеше над Сакраменто со 107:102, а Милвоки со голем пресврт славеше над Њујорк со 105:104. Јанис Адентокумбо на 8,7 секунди му ја украде топката на Дерик Роуз, и погоди со звукот на сирената за конечен триумф на Милвоки. Гркот мечот го заврши со 27 поени и 13 скокови.

Коментирај