Годинава летното сметање на времето ќе трае од 31 март до 27 октомври. Тоа значи дека ноќта помеѓу 30 и 31 март стрелките на часовникот ќе ги поместиме од 2 часот наутро на 3 часот по полноќ.
Промената на времето може да ги „исфрли“ часовниците на нашето тело од синхронизација, а точно како менувањето на часовникот влијае на луѓето, објаснува д-р Тања Митровиќ за B92.net.
„Во моментот кога ќе се префрлиме на летно сметање на времето, нашиот воспоставен ритам почнува да се нарушува, бидејќи спиеме еден час помалку, додека есенското менување на часовникот ни нуди компензација, поточно, го додава тој изгубен час. Промената најмногу ја чувствуваме во трите дена откако ќе се помести часовникот. А што всушност ни се случува? Имаме послаба концентрација, ни се намалува ефикасноста на работа, се чувствуваме уморни и поспани. Сепак, овие промени што ги чувствуваме не се толку радикални. Од друга страна, нашето тело страда“, рече д-р Митровиќ.
Како што наведува д-р Митровиќ, најчувствителни во овој случај се хроничните пациенти.
„Метеопатите и хронично болните пациенти особено можат да ја почувствуваат непријатноста. А времето генерално ќе влијае на психата и расположението на луѓето. Поголем број на срцеви удари се забележани во лето отколку во зима“, вели таа.
Докторката нагласува и дека има влошување на состојбата на заболените од астма, па затоа и бројот на хоспитализирани е поголем.
„Лицата на кои им е тешко да ја поднесат промената на времето можат да се подготват така што секој ден ќе стануваат десет минути порано, а хронично болните може во овие денови да почнат да ја земаат редовната терапија 10 до 20 минути порано.
Д-р Митровиќ нагласува дека промената на времето може и позитивно да влијае на луѓето.
„Бројот на сончеви денови е поголем и престојот надвор е почест и подолг, а токму на овој начин се поттикнува синтезата на витаминот Д, кој поволно влијае на севкупната состојба на организмот“, заклучува д-р Митровиќ во интервју за B92.net.