Музика

Винилот се враќа: Во 2016-та рекордна продажба на плочи

3. јануари 2017 - 14:49 | Kајгана/Макфакс

Трендот на зголемување на продажбата на грамофонските плочи во Велика Британија продолжи и во текот на штотуку завршената 2016 година и го достигнал највисокото ниво во последните 25 години, соопшти Британската фонографска индустрија (BPI).

Во текот на 2016 година љубителите на музиката купиле повеќе од 3,2 милиони винилни плочи, што е најмногу од 1991 година и зголемување од 53 отсто во однос на претходната, 2015 година.

Најголема била побарувачката по плочите на рок иконата Дејвид Боуви, чиишто пет албуми по неговата смрт во јануари 2016-та беа вброени на листата на Топ 30 винилни изданија во историјата. Неговиот последен албум „Blackstar“, кој во продажба беше издаден само два дена пред неговата смрт, е најпродаваниот винилен носач на звук минатата година.

Од BPI го изнесуваат податокот според кој ова е деветта година по ред во кој се забележува зголемување на купувањето грамофонски плочи, и потсетуваат дека во 2007 година е забележана продажба од само 200.000 плочи, па се чинело и дека музичката публика повеќе нема интерес за нив.

Во текот на 2016 година секој од најмалку 30 албуми е продаден во повеќе од 10.000 примероци, во однос на 10 албуми кои толкав тираж достигнале во 2015 година.

 

Коментирај