Македонија

Вкупно 776 аптеки ќе добијат зголемување на квотите за лекови за 12.000 денари

20. март 2019 - 20:43 | МИА

Скопје, 20 март 2019 (МИА) – Вкупно 776 приватни здравствени установи – аптеки со кои Фондот за здравствeнo осигурување во моментов има склучено договор за март 2019 година ќе добијат рамномерно зголемување на квотите за лекови за 12.000 денари.

Фондот соопшти дека континуирано ја следи достапноста до лековите на рецепт и работи на обезбедување подобра снабденост со лекови во текот на целиот месец. Ова, како што се наведува, се прави со цел осигурениците да може да ги подигнуваат потребните лекови во аптеките, во близина на нивното место на живеење.

– Линеарното зголемување на квотите за дополнителни 12.000 денари е обезбедено за секоја здравствена установа – аптека, освен за апеките со максимална месечна квота од 650.000 денари и ќе важи само за март. Фондот сака да укаже дека еден од условите за зголемување на месечната квота е аптеките да издаваат најмалку 20 отсто лекови за кои  осигурениците не треба да доплаќаат, се вели во соопштението од ФЗОМ.

Фондот информира дека продолжува внимателно да ги следи состојбите со достапноста на лековите на рецепт во аптеките.

Коментирај