Интервјуа
Интервју со ко-основачот на најголемиот српски сајт за аукции Лимундо

Владимир Николиќ: Бидете оптимисти

19. април 2012 - 10:33 | Гоце Постоловски

Лимундо, Купиндо и Платиндо се веб сервиси од нашето соседство – Србија. Иако на некој кој нема премногу смисла за „кул“ овие називи може му делуваат смешно и детинасто, сепак веднаш да ги демантираме таквите – се работи за едни од најголемите страници за електронска трговија во Србија (Лимундо и официјално е најголема), а сите тие се дело на луѓе со позитивен став, вредни и визионерски настроени и пред се оптимисти. Разговараме со Владимир Николиќ, еден од основачите на овие сервиси и човек со уникатна порака до Вас читателите.

Ве молам претставете им се на нашите читатели?

Владимир Николиќ, 30 години и постарата половина од основачите на компанијата Лимундо ДОО. Студирав и дипломирав бизнис, и сум оптимист во душа.

Што е Лимундо, како настана и ако може некои јавно достапни статистики за да стекнеме слика за неговата големина?

Лимундо настана како идеја да се стартува со нов начин за купопродажба помеѓу луѓето во Србија и во регионот.

После регистрацијата секој член (кој себе си се нарекува „Лимундовец“) може да купува и да продава, а самата продажба се одвива преку лицитација што е и најдобро, бидејќи најчесто се работи за половни предмети за кои ниту нивниот сопственик не ја знае точната цена која треба да ја бара. Се оформи пазар од повеќе од 250.000 Лимундовци (и дневно се приклучуваат по 300 нови) кои наддаваат и ја формираат цената, а оној што ќе понуди најмногу на крај го купува продуктот по таа цена. Во продолжение некои бројки за Лимундо:

- повеќе од 250.000 регистрирани корисници
- најголема е-комерц страна во Србија
- набргу ќе славиме шест години постоење (почнавме на 22.05.2006)
- само во минатата година нашите членови успешно продадоа повеќе од 1,2 милиони предмети
- на секои две секунди се додава по една понуда на Лимундо

Зошто Лимундо, а не eBay на пример?

Лимундо е локална страница и тоа е клучната предност. Купувањето од други држави е далеку потешко и поскапо и многу малку луѓе купуваат работи од „преку граница“.

Имате ли некаква конкуренција овде во регионот?

Ако гледаме само за аукции во екс-ју регионот како конкуренција ја имаме aukcija.hr.

Дали луѓето од другите земји од регионот, на пример од Македонија, можат да купуваат и продаваат на Лимундо?

Да, регистрацијата е бесплатна и нема ограничување во врска со тоа од каде доаѓате. Поради тоа некој мал процент од членови доаѓа од државите на поранешна Југославија и ова го користат како забавен начин на купопродажба. Во овие случаи отежнителна околност е транспортот преку граница, но многу луѓе сепак доаѓаат на Лимундо и купуваат предмети (на пример книги) кои ги нема во нивниот град, па ниту во нивната држава.

Доколку се работи за лица од две држави, како се одвива процедурата, во смисла на плаќање, испраќање и слично?

Кога се испраќаат предмети со помала тежина и вредност, процесот не е комплициран. Се може да се заврши на шалтерот во пошта. Единствено треба да се имаат на ум повисоките трошоци за поштарина, за разлика од оние кога се испраќа во рамките на една држава. Во последно време поштата во Србија значително ја поедностави процедурата за извоз на роба и сè може да се заврши кај нив на шалтер. Таа нова услуга се вика PostExport и тоа е голем плус за полесно и поповолно испраќање на пакети во странство.

За плаќање во овој момент постои начин преку уплата на сметка на оној кој го испраќа предметот што повторно може да бидат дополнителни трошоци кога се работи за луѓе од две различни држави.

Но колку што ми е мене познато не е само Лимундо. Кај вас постои нешто што се вика и Купиндо. Ако може малку детали за оваа услуга?

Купувањето и продавањето преку аукција е забавно и многу луѓе уживаат во него. Сепак, за сите останати кои што сакаат да купат (или да продадат) без размислувања за истекот на аукцијата, времето или која ќе биде крајната цена – овде е Купиндо. Купиндо го стартувавме во 2010 година, а во овој момент имаме повеќе од 400.000 предмети. Предноста кај Купиндо, покрај брзината, е и големиот избор од компании, не само од физички лица (повеќе од 700 фирми ги нудат своите услуги на Купиндо).

И за крај од претставувањето на вашите услуги – Платиндо: навистина сте решени да им конкурирате на најголемите. Овај пат на PayPal ако не се лажам?

Лимундо е за забава и возбудување (секој кој го доживеал чувството за наддавање во последна секунда, знае што зборувам). Купиндо е за едноставност и брзина. А Платиндо тоа треба да го реши, преку едноставен начин на плаќање внатре во Лимундо и Купидон.

Дали со овие три сервиси се затвора една сет опција за електронско тргување или планирате и нешто друго?

Лимундо, Купиндо и наскоро Платиндо  креираат еден добро затворен сет од опции за електронско тргување...за сега : )

Лична порака за нашите читатели?

На сите читатели на kajgana.com им порачувам една работа – бидете оптимисти. А најлесно е да се биде оптимист кога создаваш нешто што го сакаш.

Коментирај