Здравје

Возењето велосипед ве одржува млади

9. март 2018 - 15:00 | К.З.

Еден од најголемите бенефити на возењето велосипед е тоа што оваа активност ги забавува ефектите од стареење и го подобрува и подмладува имунолошкиот систем, тврди неодамна објавено истражување.

Научници спроведоа тестови на 125 велосипедисти аматери на возраст од 55 до 79 години и ги споредија со резултатите на група млади луѓе кои не вежбале редовно.

Резултатите и заклучоците беа објавени во два есеи во магазинот Aging Cell, а покажаа дека велосипедистите ја зачувале мускулната маса и сила иако се во поодминати години, а притоа имале и здрави нивоа на масти и холестерол во телото. Кај мажите, нивото на тестостерон останало на високо ниво.

Уште поизненадувачки е фактот дека возењето велосипед имало голем ефект и на имунолошкиот систем. Органот наречен тимус, кој е задолжен за произведување на имунолошки клетки, кај просечниот човек почнува да се смалува околу 20-та година. Но, беше откриено дека тимусите на постарите луѓе во истражување произведувале иста количина на клетки колку оние кај младите луѓе.

„Најважното кај ова истражување е дека го урива митот дека со стареењето мора да се откажеме од правилното функционирање на нашето тело. Напротив, ако секој еден човек може да се убеди себеси дека треба да биде физички активен, подолго време ќе се чувствува млад и здрав, а со тоа и ќе си обезбеди подолг живот“, вели професорката Џенет Лорд, еден од авторите на ова истражување.

Не само ова, туку и многу други истражувања покажаа дека возењето велосипед го намалува ризикот општо од смрт за 40% и ризикот од рак за 45%.

Коментирај