Возевме
Компактен и урбан кросовер

Возевме: Audi Q3 2.0 TDI Quattro S-Tronic

5. септември 2012 - 14:05 | Димитар Петровски

Кросовер и СУВ автомобилите во последните неколку години се меѓу најпосакуваните возила во светот, а таквиот тренд е забележителен и на македонските улици. Токму затоа, новата рубрика „Возевме“ во која ќе тестираме, рецензираме и фотографираме автомобили решивме да ја стартуваме со компактниот и луксузен Audi Q3 2.0 TDI Quattro S-Tronic.

Поради популарноста на овие модели и поради желбата на производителите да ја прошират својата понуда, на пазарот на кросовер и СУВ моделите има навистина голема конкуренција, а најмалиот СУВ на Audi се вбројува меѓу најатрактивните претставници на овој сегмент.

ДИЗАЈН

Audi Q3 ги има речиси истите линии како и поголемите браќа Q5 и Q7, но токму неговите компактни димензии и пофина естетика, ќе бидат допадливи за добар дел од купувачите. Со доминантната маска на предницата, која е карактеристична за сите СУВ модели на Audi, како и проширените крила во делот над тркалата, Q3 ја нагласува својата моќна природа. Од друга страна, заоблените кровни линии ја потенцираат неговата купе карактеристика и спортски дух. Иако визуелно изгледа навистина компактно, особено спореден со Q5 и Q7, сепак со должината 4,39 метри, широчината од 1,83 метри и височината од 1,60 метри, Audi Q3 воопшто не е мал автомобил.

ПЕРФОРМАНСИ, УПРАВУВАЊЕ И ВОЗНИ СВОЈСТВА

На располагање за неколку-дневниот тест на Audi Q3 го имавме најсилниот дизел мотор од понудата - моќниот 2.0 TDI агрегат со 177 коњски сили и погон на сите тркала, S-Tronic автоматски менувач и бројна дополнителна опрема. Силниот мотор овозможува големо забрзување при стартот и удобно возење на отворен пат, како и лесно престигнување на побавните автомобили. Забрзувањето до „стотка“ е за 8,2 секунди, додека максималната брзина е 212 километри на час.

Благодарение на 7-степениот S-Tronic автоматскиот менувач менувањето на брзините се одвива многу мазно, а на располагање се стандардната „D“ опција која е идеална за возење во урбаната средина, како и спортската „S“ опцијата на менувачот која е идеална ако сакате поспортско и адреналинско возење.

Дури и при екстензивното возење низ Скопје и во околината на градот, 2.0 TDI моторот со 177 коњски сили се покажа како исклучително штедлива опција - потрошувачката постојано беше околу осум литри што е одлично за возило со тежина од два тона. Ефикасната потрошувачка ја помага и start/stop системот што го гаси моторот додека чекате на семафор, а доволно е да ја тргнете ногата од сопирачката за моторот брзо и без напор да се вклучи.

Благодарение на бројните дупки низ скопските улици имавме можност да го тестираме квалитетот на амортизацијата на Audi Q3, која се покажа одлично дури и во совладувањето на „рововите“ и „кратерите“ низ градот. Иако низ градот суспензијата работи навистина меко, при влегувањето во кривините на отворен пат, автомобилот има солидна крутост и амортизацијата го елиминира страничното нишање.

ЕНТЕРИЕР

Во внатрешноста има доволно место и комфорност за удобно возење на четири возрасни лица со багаж, а како што му доликува на едно Audi - изработката и материјалите се исклучително квалитетни. Моделот што го возевме имаше удобни спортски седишта со комбинаиција од алкантра и кожа што го дополнуваат луксузниот изглед, автоматски клима уред, борд компјутер и музички систем Concert со перфектна репродукција на звукот. Забавно беше да се користи можноста за поврзување на смартфонот преку Bluetooth интерфејсот на медиа центарот, со што на располагање ви се контактите и музиката од вашиот телефон. Одличната звучна изолација ја елиминира бучавата од останатите возила, како и звукот на ветерот и моторот при поголеми брзини.

Корисна опција е автоматскиот мод на светлата, со која не е возможно да заборавите да ги вклучите светлата - тие автоматски се вклучуваат во зависност од добата од денот.

ЗАКЛУЧОК

Ако сакате СУВ со кој ќе може да уживате во офроуд акција, тогаш Audi Q3 не е вистинскиот избор за вас. Но, ако сакате врвен автомобил кој ќе има компактни димензии слични на хечбек моделите, со повисоко подвозје и висока позиција за возење, урбан градски СУВ - тогаш Audi Q3 е одлична опција која треба сериозно да ја земете во предвид.

Погонот на сите тркала ќе ви помогне полесно да го совладате патот до викендичката или излетот во некоја рурална средина, а ќе биде корисен и при лоши услови на патот.

Сепак ова е урбано возило, па неговите квалитети најмногу доаѓаат до израз во градските средини. Неговите компактни димензии ќе ви помогнат полесно да се справите во сообраќајниот метеж, при барањето на паркинг место или пак низ тесните улици во градовите во Македонија.

Audi Q3 е одличен избор за оние што ги сакаат димензиите на хечбек моделите, во комбинација со повисокото подвозје и луксузот карактеристичен за СУВ моделите на Audi.

СПЕЦИФИКАЦИИ И ЦЕНИ

Во понудата на Audi Q3 во Porsche Македонија се четири различни мотори - бензинските 2.0 TFSI со 170 коњски сили и 2.0 TFSI Quattro S-Tronic со 211 коњски сили. Кај дизелските агрегати тука се 2.0 TDI моторот со 140 коњи и оној што ние го тестиравме 2.0 TDI Quattro

S-Tronic со 177 коњски сили. Основните модели кај дизел и кај бензинската изведба чинат 31.808 евра, додека двете верзии со помоќни мотори се продаваат за 36.917 евра. Моделот што ние го тестиравме изобилува со дополнителна опрема како ксенон светла, алуминиумски 17 инчни фелни, мултифункционален кожен волан, хроминрани делови, сензори за светла и дожд, како и спортски седишта, па неговата цена е 45.830 евра.

Коментирај