Возевме
Владетелот на компактниот урбан сегмент

Возевме: Golf 2.0 TDI Bluemotion

10. декември 2012 - 18:14 | Димитар Петровски

Volkswagen неодамна ја претстави седмата генерација на својот најпродаван модел - Golf, а ние меѓу првите медиуми во Македонија ја добивме можноста да седнеме, да го пробаме и повозиме атрактивниот 2.0 TDI Highline. Новиот модел доаѓа по четири години од „шестката“ и носи многу подобрувања на и онака успешниот и одличен модел.

Иако на прв поглед разликите се мали и претежно се гледаат во поострите линии во дизајнот, најновиот член на фамилијата на Volkswagen е поголем, подобар, поопремен и побрз од претходникот - вистински чекор напред за најуспешниот хечбек од Германија.

ДИЗАЈН

Една од главните разлики меѓу Golf Mk6 и Golf Mk7 се забележува токму во дизајнот на новиот автомобил. За разлика од заоблените линии на „шеската“, новиот Volkswagen има многу поостар и поагресивен изглед, што е одлика на новите модели на компанијата. За некого можеби линиите ќе бидат премногу остри, некој друг ќе каже дека премногу потсетува на шестата генерација, но впечаток е дека ова е логичниот развој на моделот.

И покрај новостекнатата агресивност, нема сомневање дека она што го носи „седумката“ е препознатливиот изглед на Golf.

ЕНТЕРИЕР

Онаму каде што Golf Mk7 ќе ве изненади со „непрепознатливоста“ е неговата внатрешност. Материјалите, дизајнот и функциите наликуваат на автомобил кој е една класа повисоко, а не фамилијарен хечбек. Тоа дополнително беше истакнато кај моделот што го возевме со Highline нивото на опременост што е највисокиот степен на опрема кај Volkswagen.

Сите „седумки“ без разлика на нивото на опременост, добиваат инфотејнмент центар со голем 5,8 инчен екран на допир од кој може да се контролираат и надгледуваат голем дел од функциите во автомобилот, како и електронската рачна сопирачка.

Благодарение на зголемените димензии, во внатрешноста има повеќе простор и комфор за патниците, а има и повеќе место во багажникот кој е зголемен од 350 на 380 литри.

Во Highline пакетот како сериска опрема се и алкантара спортските седишта, пијано црниот финиш на централната конзола и мултифункционалниот волан, како и LED светлото и светлосните декорации низ внатрешноста што создаваат чувство како да возите многу поскап модел на Audi или некој друг премиум автомобил.

ПЕРФОРМАНСИ, УПРАВУВАЊЕ И ВОЗНИ СВОЈСТВА

Вистинскиот квалитет на Golf е во моментот кога ќе седнете зад воланот, ќе го вклучите автомобилот и ќе почнете со возењето - германската прецизност во воланот, менувањето на брзините и лежењето на патот е она што го држи Golf во врвот меѓу најпродаваните автомобили.

Моќниот 2.0 TDI Bluemotion мотор со 150 коњски сили не е претерано брз (максималната брзина е 216 километри на час), но затоа има силно завлекување кога ќе ја притиснете на гаста и забрзува до 100-ка за 8,6 секунди. Балансот на силата е идеален за градските услови на возење и може солидно да ве извлече во ситуациите кога треба набрзина да ја зголемите брзината. Возењето на отворен пат е мирно и удобно, а кога ќе го префрлите прецизниот менувач во шестата брзина, речиси и не се чувствува работата на моторот. Воланот во зависност од брзината со која возите го менува начинот на кој реагира што е особено корисно при поголеми брзини.

Сите модели на Golf mk7 како сериска опрема го добиваат Start/stop системот кој функционира беспрекорно и дополнително ја зголемува штедливоста на моторот. Ефикасноста и штедливоста се дополнително нагласени и со технологијата за гаснење на цилиндрите при ниска гас. Една корисна опција е автоматската сопирачка односно Ауто-холд функцијата благодарение на која нема потреба да ја држите сопирачката на семафор или пак да ја кревате рачната за тргнување на нагорнина.

ЗАКЛУЧОК

Седмата генерација на Golf успешно ја подобрува приказната почната уште во 1974 година, па новиот модел освен што ги нуди сите најсовремени технологии, наметнува и нови стандарди за компактната класа што конкуренцијата или ќе ги прифати или ќе остане со инфериорна понуда. Едноставно новиот VW е подобрување на и онака одличниот модел, кој сериозно ќе ги нападне и поскапите ривали во сегментот. Впечатокот е дека Golf е комплетен модел за фамилијарен автомобил на кој многу тешко може да му се најде некаква мана.

СПЕЦИФИКАЦИЈА И ЦЕНИ

Во понудата во Македонија се достапни два бензински и два дизелски мотори, почнувајќи од 1.2 TSI моторот со 85 коњски сили и 1.4 литарскиот TSI со 140 коњи. Кај дизелите понудата стартува со 1.6 литарскиот TDI мотор со 105 коњи, а најсилниот во понудата е 2.0 литарскиот TDI Bluemotion со 150 коњски сили кој го имавме за ова тест возење. Основниот модел стартува со цена од 16.225 евра, додека најскапиот модел 2.0 TDI Bluemotion со DSG менувач чини 25.542 евра. Цената на Golf-от што ние го тестиравме изнесува 23.285 евра.

 

Коментирај