Возевме
Луксузен спортист со технологија на иднината

Возевме: Lexus IS300h F Sport

27. февруари 2014 - 13:38 | Димитар Петровски

За ова тест возење имавме две нови искуства - за првпат седнавме зад воланот на еден Lexus, и за прв пат возевме автомобил со хибриден погон. IS300h F Sport се потруди да ни остави позитивен впечаток и во двете ситуации, а за деталите и фотографиите од дружбата со овој модел прочитајте ја нашата рецензија.

Дизајн

Дизајнот на Lexus IS300h дефинитивно е храбар. Ова е една од оние ситуации кога или ќе ве освои изгледот, или пак воопшто нема да ви се допадне. Ние сме во првиот табор, бидејќи вистински ни се допадна како изгледа овој Lexus.

Посебно се истакнува предницата и дизајнот на фаровите кои изгледаат како од некој футуристички проект. Многу храбро, многу агресивно и бескомпромисно.

Ентериер

Внатрешноста на IS300h особено ќе им се допадне на љубителите на технологијата и гаџетите. Овој автомобил, покрај луксузниот изглед има безброј копчиња и функции со кои може да си „играте“.

Посебно е интересна инструмент таблата и брзинометарот кои се менуваат во зависност од модот во кој возите, а целиот дел се движи кога влегувате во менијата за прилагодување. Идејата за тоа е преземена од спортскиот концепт на Lexus, LF-LC.

Спортските седишта од црвена кожа одлично го држат телото и овозможуваат прилагодување во секоја насока. Посебно е интересна опцијата со која при гаснењето на моторот или вадењето на појасот, седиштето и воланот се оддалечуваат и го ослободуваат возачот за полесно да излезе од автомобилот.

Задниот дел е комфорен за седење и има доволно простор за нозете на патниците, а и покрај батериите сместени во задниот дел, багажникот има капацитет кој не заостанува зад другите седани.

Каков е за возење?

Откако ќе ја наместите возачката позиција, IS300h станува исклучително удобен автомобил за возење во кој речиси се е перфектно распоредено и функционира беспрекорно.

Возејќи го низ град забележувате дека овој хибрид е исклучително тивок, речиси бесшумен. Дури и ако го стиснете малку повеќе, IS300h не создава многу бука, а ако звукот на моторот ви недостасува, тука е опцијата за синтетички звук на мотор од звучниците.

Овој модел кој ја носи ознаката F Sport забрзува од 0-100 за 8,3 секунди, располага со комбинирани 220 коњски сили од стандардниот и електричниот погон и има максимална брзина од 200 километри на час.

Го тестиравме како вози низ град и на отворено, а и во двете ситуации е вистински одличен, без разлика дали крстосувате по автопат, влегувате остро во свиоци или пак се враќате од работа низ метежот.

Она што го прави посебно интересен и забавен за возење е погонот на задните тркала, па секое влегување во кривина може да се направи многу интересно, со малку повеќе стискање на гасот.

Што ни се допадна?

Lexus IS300h е одлично балансиран автомобил и нуди речиси се што ќе посакате - луксуз, стил, спортски перформанси, удобност и многу напредна технологија.

Што не ни се допадна?

Дури и по получасовната дебата во редакцијата, не успеавме да најдеме нешто што ќе ни недостасува или пак ни смета кај овој Lexus.

Дали е возбудлив за возење?

Големиот мотор и погонот на задните  тркала вообичаено се комбинација за возбудливо и спортско возење. Lexus IS300h не е исклучок од тоа, па може да приреди многу интересни и возбудливи моменти - единственото што треба да го направите е добро да притиснете на гасот.

Колку е атрактивен?

Предната маска и елегантниот дизајн на задниот дел го прават исклучително атрактивен. Речиси нема човек покрај кој поминавме, а не се сврти да го види овој Lexus. Дополнителна предност е што ова не е еден од честите автомобили, па привлекува многу внимание.

Заклучок

Како за прва средба со Lexus и за прва средба со хибриден погон, поминавме со многу позитивни искуства. Lexus IS300h F-sport нуди навистина многу, а имате чувство дека оваа хибридна технологија е иднината во која ќе се развиваат и другите автомобили.

Почетната цена на овој модел е 38.500, а цената расте во зависност од изведбата и опременоста.

Коментирај