Возевме

Возевме: Maserati Ghibli S Q4

12. март 2014 - 17:22 | Димитар Петровски

Секој љубител на автомобилите посакува некогаш да поседува или барем на кратко да повози спортски автомобил. Благодарение на Стар Моторс, увозникот на Mazda во Македонија, имавме кратка, но многу интересна и убава средба со новото Maserati Ghibli, и тоа со неговата најсилна верзија која ја има ознаката S Q4. Какви беа нашите впечатоци, како звучи и како изгледа ова Maserati погледнете во нашата рецензија.

Дизајн

Некои автомобили имаат доминантна предница, некои имаат опасен изглед, но Maserati Ghibli има ѓаволесто застрашувачка предна маска и светла кои делуваат како очи на предатор подготвен да нападне. Како и кај повеќето италијански спортски модели - мускулестите линии и елегантниот изглед идеално се претопуваат во една целина која зрачи со престиж, спортски дух и надменост.

Ентериер

Ентериерот ја има онаа италијанска префинетост и препознатлива врвна изработка. За разлика од автомобилите кои се правени за сопственикот да се вози на задните седишта, ова Maserati е создадено за луѓе кои сакаат да уживаат од возачкото седиште.

Кожата е доминантна во внатрешноста, а ја разбиваат неколкуте додатоци како часовникот поставен на врвот на централната конзола, хромираните елементи и големиот екран на мултимедијалниот систем.

Како дел од дополнителната опрема е врвниот музички систем на Bowers & Wilkins, но речиси ништо не може да звучи подобро од звукот на V6 моторот на Ghibli.

Каков е за возење?

Моделот што го тестиравме, Ghibli S Q4, располага со 3.0 V6 бензински мотор кој испорачува 410 коњски сили, а моќта се пренесува преку 8-степениот автоматски менувач на сите четири тркала. Возењето на овој автомобил е вистинско доживување кое остава без зборови, а има две причини за тоа. Прво звукот што го создава ова Maserati предизвикува морници по телото и комплетно ве обзема. Второ забрзувањето е еднакво на лансирање. Дури и при повисоки брзини, Ghibli има многу сила да ве залепи за седиштето секогаш кога ќе ја стиснете на гасот.

Забрзувањето од 0-100 километри на час е за 4.8 секунди, а максималната брзина е 284 километри на час.

Една важна работа е што дури и кога крстосувате со поголеми брзини, возењето во Ghibli делува префинето и влева сигурност на автомобил што постојано ја има ситуацијата под контрола.

Што ни се допадна?

Ова е еден од оние автомобили што ја имаат моќта да ве освојат целосно. Седнувате на возачкото седиште, ја затворате вратата, го стартувате моторот и повеќе ништо друго не е важно.

Колку е возбудлив за возење?

Ако направиме листа на сите автомобил што досега сме ги возеле за оваа рубрика, Maserati Ghibli е убедливо највозбудливиот модел досега. Дури и звукот што го создава додека се подготвувате да тргнете е возбудлив, а чувството кога ќе се придвижи е неспоредливо.

Слушнете како звучи:

 

Колку е атрактивен?

Со основната цена од околу 70.000 евра, моќниот изглед во пакет со врвните перформанси и пред се невообичаеноста што ја носи возењето автомобил што не се гледа често на улиците, го прават многу атрактивен. Кога на тоа ќе се додаде и звукот што го произведува, резултатот е автомобил од кој не сакате да се оддвоите.

Заклучок

Maserati Ghibli веројатно е најблиску што човек може да дојде до вистински спортски автомобил, а тоа да не чини неколку стотици илјади евра. Со цената и перформансите има голем потенцијал да ги загрози позициите на некои од луксузните седани достапни на пазарот, а еден силен адут дефинитивно е неговата невообичаена појава.

 

Коментирај