Возевме

Возевме: Mazda CX-5 D2.2 4x4

28. октомври 2013 - 16:29 | Димитар Петровски

Mazda CX-5 е првиот автомобил што ја доби новата дизајнерска насока Kodo - Soul of Motion што компанијата ја претстави кај концептот Shinari од 2010 година. Воедно ова е и првиот модел на јапонскиот бренд што во целост ја има Skyactiv технологијата која опфаќа лесна платформа, како и ефикасни и штедливи мотори и преноси, што значи намалена потрошувачка и намалено загадување.

На нашиот тест CX-5 се покажа како многу солиден кросовер, кој е забавен за возење, удобен за патување и нуди добра потрошувачка на гориво.

Дизајн

Компактниот кросовер на Mazda има модерен дизајн, направен во духот на актуелната Kodo дизајнерска насока на компанијата, а посебно се истакнува убавиот изглед на задниот дел на автомобилот. Убава динамика и мускулест изглед му даваат линиите кои почнуваат од маската и продолжуваат преку вратите, се до стоп светлата на автомобилот.

Ентериер

Ентериерот е солидно изработен, а она што веднаш се забележува е изобилството на опрема и разни модерни додатоци кои ја подобруваат безбедноста и комфорот во возењето. Иако од надвор изгледа како компактен кросовер, внатрешноста нуди изненадувачки многу место, што го прави идеален за фамилијарно користење или пак за подолги патувања.

Од технологиите што може да ги сретнете во внатрешноста прво се забележува големиот мултифункционален екран, кој може да се контролира и со допир и со џојстикот поставен до менувачот. Оваа Mazda изобилува со безбедносна технологија и многу гаџети кои се грижат возењето да биде безбедно. Моделот што го тестиравме има бројни камери и сензори во горниот дел на ветробранското стакло, а еден од нив е и системот за заштита од судар во градски услови и на брзини до 30 километри на час. Тука се и технологијата за предупредување при менување на лента, системот за автоматска контрола на долгите светла, како и многу корисната технологија за предупредување од возила во мртвиот агол.

Каков е за возење?

Кога ќе седнете зад воланот на CX-5 првото што го забележувате е убавата позиција на седење која дава одлична прегледност и на возилото и на околината. Стартувањето на моторот е преку копче, а неговата работа е вистински тивка иако станува збор за голем 2,2-литарски дизел агрегат.

Кога го возите низ градските средини, до израз доаѓа прегледноста која ви овозможува постојано да имате контрола над возилото, а покрај должината од 4,5 метри, лесната управливост остава чувство дека возите некој компактен хечбек.

Погледнете го видеото од нашиот тест:

На отворен пат удобноста и смиреноста со која работи оваа Mazda може да биде меч со две острици. Од една страна совладувањето на километрите се одвива без проблем, но од друга, тивката работа и сталоженото возење при поголеми брзини значи дека лесно ќе ја заборавате ногата на гасот, без да забележите дека сте ја надминале дозволената брзина.

Моторот развива 150 коњски сили, а забрзувањето до „стотка“ со автоматскиот 6-степен менувач е за 10, 2 секунди, додека максималната брзина е 194 километри на час. Потрошувачката на горивото, според официјалните податоци изнесува 5,5 литри.

Што ни се допадна?

Прегледноста, пространоста и чувството на комфор се силен адут кај CX-5, а ни се допадна и моќниот мотор кој умее добро да повлече. Генерално оваа Mazda остава впечаток на многу солиден автомобил кој е забавен за возење.

Што не ни се допадна?

При поголеми брзини кај Mazda CX-5 се појавува бука од струењето на ветерот, која иако не е пренагласена, би можела да биде потивка.

Дали е возбудлив за возење?

Моќниот 2.2 литарски мотор со 150 коњски сили повлекува моќно кога ќе притиснете на гасот, а стабилната амортизација и погонот на сите четири тркала, добро го прилепуваат за подлогата кога влегувате во кривини. За компактен фамилијарен кросовер има навистина што да понуди за оние кои сакаат подинамично и возбудливо возење - единствено што треба да направат е да стиснат на педалата за гас и да уживаат во забрзувањето.

Колку е атрактивен?

Со самото тоа што е кросовер, привлекува многу внимание, а фабричката сина боја му дава модерен и свеж изглед. Неколку минувачи подзастануваа да го погледнат подобро, а имаше и такви кои не прашуваа за тоа каков е за возење и колку чини. Иако не е нагласено фраерски кросовер, дефинитивно е автомобил кој има доволно атрактивност и кул фактор.

Заклучок

Впечатокот е дека Mazda CX-5 D2.2 4x4 е кросовер што нуди навистина многу во поглед на комфорноста, безбедноста и опременоста, воедно нуди и доволно сила за забавно возење на пократки релации или пак удобно патување со полн автомобил. Во Македонија оваа Mazda е достапна во повеќе изведби во зависност од горивото и големината на моторот, како и во четири пакети на опременост. Моделот што ние го возевме, беше со автоматски менувач и Revolution пакет и чини 32.480 евра.

Коментирај