Возевме

Возевме: Mercedes Benz A180 CDI BlueEFFICIENCY

25. јуни 2013 - 12:17 | Димитар Петровски

Малиот Mercedes од А класата со својата нова генерација доби поинтересен изглед, па од автомобил кој наликуваше на моноволуменец, прерасна во вистински жежок хечбек. За ова тест возење го имавме штедливиот 1,5 литарски дизелски модел, кој ја носи ознаката А180 CDI, а испорачува 109 коњски сили.

AMG пакетот, на овој мал Германец му ја дава потребната острина за да биде допадлив и интересен за помладите купувачи.

Дизајн

Новата дизајнерска линија на автомобилите на Mercedes воведе една поинаква димензија кај моделите на германскиот производител. Покрај несомнениот квалитет, новите модели сега имаат и убав изглед на кој можат да позавидат останатите производители.

Тој почнува од моќната и агресивна маска, со доминантните светла, а преку нагласените и мускулести крила, завршува со атрактивните стоп светла и благо спуштениот покрив за нагласена спортска линија.

Ентериер

Уште кога ќе влезете во новата А-класа веднаш се забележува врвниот стил и префинетоста на Mercedes. Изработката на материјалите е одлична, a воланот е лесно управлив, прецизен и добар за држење. Сончевиот покрив и удобните спортски седишта го комплетираат уживањето. AMG пакетот му дава дополнителен шарм на ентериерот и го нагласува спортскиот дух.

Од практичната страна хечбекот на Mercedes има доволно место за четири возрасни луѓе и нивниот багаж, но идејата не е да биде фамилијарен автомобил, туку возило за помлади луѓе.

Каков е за возење?

За ова тест возење го имавме дизелскиот А180 со 1,5 литарски агрегат кој испорачува 109 кс. Забрзувањето од 0-100 е за 11,3 секунди, а максималната брзина му е 190 километри на час. Спортските перформанси и штедливоста најчесто не одат во пакет, но Mercedes со новата А-класа успеа успешно да ги искомбинира забавното и спортско возење со економичноста на автомобилот.

Ако сте љубители на малите и жешки хечбек автомобил, тогаш е многу интересен за возење. Имате одлично чувство на контрола над автомобилот, а крутата амортизација одлично го држи на патот.

На хартија 1,5 литарскиот дизелски мотор на Renault, изгледа како преслаб агрегат за овој автомобил, но 109 коњи знаат и убаво да повлечат кога ќе стиснете на педалот за гас.

Дури и во ситуациите кога го стискате, моторот работи доста штедливо, па тешката нога на педалата за гас, нема да значи лесен новчаник во џебот.

Што ни се допадна?

Спортскиот АМГ пакет иако значително ја зголемува цената, му дава посебна убавина на овој Mercedes од A класата. Уште две работи кои се издвојуваат е прецизноста и ергономијата на воланот, како и вистински штедливата работа на моторот.

Што не ни се допадна?

За изгледот што го има, овој автомобил заслужува да се вози со посилен мотор, кој ќе ја испорачува агресивноста што ја покажуваат линиите на каросеријата.

Дали е возбудлив за возење?

Спортската амортизација го држи убаво на патот и во кривините, а тоа овозможува со поголема брзина да влегувате во нив. Иако има возбуда во А180 CDI, сепак за вистински адреналински возења потребен е некој од посилните мотори на Mercedes.

Колку е атрактивен?

Судејќи по тоа колку луѓе се вртеа по него и вниманието што го привлекува со црвената боја, овој мал Mercedes е многу атрактивен.

Заклучок

На крајот цената на овој модел кој има спортски АМГ пакет и дополнителна опрема е 34,750 евра, но затоа основниот модел почнува од 24,450 евра. За млади луѓе кои сакаат штедлив премиум хечбек, со атрактивен изглед, А-класата речиси и нема конкуренција на пазарот.

Коментирај