Возевме

Возевме: Mercedes Benz CLA 220 CDI

2. јули 2013 - 17:26 | Димитар Петровски / Кајгана

Откако го тестиравме новиот модел од А класата на Mercedes, на ред дојде и новиот CLA кој е купе верзија на оваа класа. За тест возењето го имавме најсилниот модел со 2,2 литарскиот дизелски агрегат кој испорачува 170 коњски сили и има префинет и спортски изглед.

Со речиси исти димензии, ако ја исклучиме задницата, A и CLA се идентични, но кога седите зад воланот чувството е поинакво. Прочитајте кои беа разликите и каков впечаток ни остави атрактивното компактно купе.

Дизајн

Првото што се забележува кај CLA е убавата предница со атрактивните светла и дијамантската маска, а погледот веднаш продолжува кон спуштената купе задница. Еден од моментите кои најмногу се истакнуваат кај CLA се линиите на поклопецот за моторот, како и оние на крилата кои му го даваат мускулестиот изглед на вистинско спортско купе.

Ентериер

Елегантната изработка, квалитетните материјали и спортските седишта се присутни и кај овој Mercedes, а освен некои ситници, речиси и да нема разлика со А-класата. Во внатрешноста има доволно место за четири патници, иако закосената линија на купе силуетата може да биде проблем за повисоките патници на задната клупа.

Каков е за возење?

Додека А-класата дава впечаток на „луто мало количе“, малку подолгиот и малку потешкиот CLA изгледа како постабилен и поелегантен автомобил. Тоа не значи дека CLA нема доволно „лутина“, туку дека оддава чувство на попрефинет автомобил, кај кој спортскиот дух не е толку нагласен.

Моделот што го имавме за тест возење беше опремен со автоматскиот 7-степен менувач кој одлично ги контролира 170-те коњски сили, а располага со штедлив, мануелен и спортски мод на работа. Во зависност од расположението или ситуацијата секои од тие модови му дава поинаков дух на CLA.

Она што се истакнува кај CLA е стабилноста и прецизноста во работата, без разлика дали возите низ Скопје со 40-50 километри на час и чести застанувања, или стискате силно на педалата за гас на некој од автопатите низ државата. И во двата случаи овој автомобил влева многу сигурност, додека истовремено дава задоволство дека возите беспрекорно квалитетна  и моќна машина.

Што ни се допадна?

Целиот изглед на CLА навистина ни се допадна. Зад воланот најдобар впечаток ни остави префинетата изработка, прецизната работа и стабилноста на овој Мercedes.

Што не ни се допадна?

Кај најсилниот модел на CLA нема многу работи на кои може да им се најде замерка. Единствено посакуваме ова купе на Mercedes, слично како поголемите модели на германскиот производител, да има погон на задните тркала - така возењето би било уште поинтересно.

Дали е возбудлив за возење?

Моќниот 220CDI испорачува 170 коњски сили и забрзување од 0-100 километри на час за 8.2 секунди што значи дека има многу возбуда кога ќе стиснете на педалот за гас. CLA дури и во повисоките брзини има многу сила да повлече кога ќе нагазите, а максималната брзина што ја достигнува е 230 километри на час.

Одличната амортизација цврсто го држи на патот и дозволува поагресивно возење, па CLA 220CDI ве тера да стиснете гас малку повеќе од вообичаеното.

Колку е атрактивен?

Лутите линии на предницата и силуетата на купе, и од стандардниот модел прават атрактивен автомобил, а во комбинација со AMG пакетот и интересната маска со „дијаманти“, ова е возило кое е вистински убавец на четири тркала. Погледите и вниманието дефинитивно не изостануваат.

Заклучок

CLA е одличен автомобил за млади луѓе кои се уште немаат свое семејство или пак за оние кои се чувствуваат млади и сакаат квалитетно купе. Основниот модел ја носи ознаката CLA 180 и има 1,6 литарски бензински мотор што испорачува 122 коњски сили, а чини 28.970 евра. Моделот што го тестиравме CLA 220 CDI во основната изведба чини 38.900, додека со дополнителната опрема и AMG пакетот неговата цена е 47.500 евра.

Коментирај