Возевме

Возевме: Mitsubishi Space Star

17. јули 2013 - 16:39 | Димитар Петровски

За ова тест возење го имавме малото Mitsubishi Space Star со кое поминавме повеќе од 550 километри со еден резервоар и имавме прилика темелно да го тестираме возејќи од Скопје до Охрид, потоа до Преспа, за на крајот преку Битола да се вратиме повторно во Скопје. На располагање го имавме помалиот 1.0 литарски мотор со 71 коњска сила кој се покажа како сосема пристоен агрегат. Прочитајте какви се нашите импресии од овој мал Mitsubishi.

Дизајн

Дизајнот е релативно едноставен и прилагоден на малите и компактни димензии. Нема ништо повеќе од потребното, ниту пак некоја екстравагантност, но има се што е потребно за едно мал урбан автомобил. Моделот што ние го имавме за тестирање имаше „рејсинг“ линии кои му даваат малку повеќе шарм и го прават да изгледа спортски и поинтересно.

Ентериер

Иако автомобилот е мал, внатрешноста воопшто не се чувствува како клаустрофобичен и тесен простор. Напротив има доволно место и за патниците и за возачот, а од опремата има речиси се што е стандардно кај секој современ автомобили. Тука е и тренди пијано-блек изгледот на централната конзола и приклучоците за USB или Aux на музичкиот систем. Интересно е што овој модел од класата на мали и достапни урбани автомобили доаѓа со Start/stop технологија која вообичаено е дел од поскапите автомобили.

Каков е за возење?

Штом ќе седнете и ќе тргнете со Space star, веднаш ви станува јасно дека ова е исклучително лесен автомобил за возење. Воланот се управува многу лесно, менувачот е прецизен, а педалите имаат краток од.

Низ градските улици на Скопје и Охрид, малото Mitsubishi Space star е на свој терен - агилноста, практичноста и економичноста тука доаѓаат најмногу до израз, а start/stop системот солидно си ја врши функцијата за да заштеди бензин.

На правите и рамни делници на автопатите низ Македонија, Space star сосема солидно се снаоѓа, а немаше проблеми ни при качувањето на планинските превои. Сепак симнувањето по кривулестите планински патишта беше малку поголем предизвик, кој бара често прилагодување на брзината и кочење за да се задржи стабилноста во возењето. Во секој случај, дури и во таквите услови кои до максимум ги тестираат неговите перформанси, Space star се покажа како солиден автомобил со кој би можеле и да патувате на подолги релации.

Единствена желба што ни остана е ова количе да има посилен и подобар мотор, како и покрута амортизација за да биде многу поагресивно и поинтересно на пат.

Што ни се допадна?

Економичноста и компактните димензии дефинитивно се иделни за возење низ град. Особено ни се допадна можноста да се најде паркинг во речиси секоја ситуација и на секое место.

Што не ни се допадна?

Со оглед на цената и намената, би било некоректно да се му се бараат мани, но меката амортизација прави чувство на нестабилен автомобил. Тоа беше особено забележливо кога ги симнувавме планинските превои. Од друга страна, намената на овој модел е да биде урбан автомобил и во градските средини таквата амортизација е вистински добра.

Колку е атрактивен?

Рејсинг линиите му даваат малку поатрактивен изглед, но на страна од тоа, ова не е автомобил кој ќе предизвика возбуда кај минувачите или кај останатите возачи.

Заклучок

Малиот Space Star со акциската цена од 8.690 евра за основниот модел со 1.0 литарски мотор со 71 коњска сила е сосема добра понуда за прв автомобил на млад возач или за некој кој поминува многу време низ градскиот метеж. Нема да потроши многу гориво, нема да биде проблематичен за паркирање, а сепак ќе ги има сите опции за комфорно возење и уживање во него.

Коментирај