Возевме

Возевме: Новата Škoda Octavia 1,6 TDI

8. јули 2013 - 17:08 | Димитар Петровски

Škoda со новата Octavia продолжува со формулата што донесе успех кај претходната генерација, а новиот модел ги има истите квалитети и достапна цена, како и многу новини и подобрувања, што го издигнуваат моделот една класа погоре.

За ова тест возење го имавме економичниот и доволно силен модел со 1,6 литарски дизелски мотор со кој отидовме до Маврово, а по пат ги тестиравме неговите перформанси во различните услови на возење.

Дизајн

Дизајнот на новата Octavia не отстапува премногу од карактеристичните црти на овој модел. Уште на прв поглед нема дилеми дека тоа е Škoda Octavia, со тоа што кај новиот модел линиите се освежени, има малку повеќе динамика, а изгледот е генерално помодерен.

Ентериер

Чувството кога ќе влезете во новата Octavia е дека влегувате во просторен и комфорен автомобил, а во внатрешноста се забележуваат препознатливите црти карактеристични за моделите од Volkswagen групацијата. Оваа Škoda изобилува со многу опрема во сериската изведба и речиси и да нема нешто што ќе ви недостасува, а се одликува со едноставен и убав дизајн на централната конзола.

Во внатрешноста има доволно простор за пет патници и многу багаж, нешто што го прави овој автомобил идеален фамилијарен модел, подготвен за секојдневно возење, но и за патување на отворен пат.

Каков е за возење?

Низ скопскиот метеж до израз доаѓа штедливоста и економичноста на Octavia, која благодарение на штедливиот GreenTec мотор со start/stop технологијата и регенеративно кочење, успешно се снаоѓа со честите застанувања и ситуациите кои трошат многу гориво.

Дизелскиот 1,6-литарски мотор нема никакви проблеми и при возењето на отворен пат, а 105-те коњи се доволни за да не почувствувате недостаток на сила во моментите кога треба да повлече. Забрзувањето од 0-100 километри на час е за 10,8 секунди, а максималната брзина е 194 километри на час.

Чувството додека ја возите Octavia е дека сте зад воланот на квалитетен автомобил кој нуди многу и во поглед на штедливоста и во поглед на перформансите.

Што ни се допадна?

Добрите возни својства, богатата опременост и достапната цена се главниот адут на овој автомобил. Во основа, купувачите на новата генерација на Octavia ќе добијат Passat, но со различно лого на предната маска.

Што не ни се допадна?

Суспензија беше одлична за совладување на дупките на патот низ Скопје и во Маврово, но по кривините на автопатот се покажа како недоволно крута.

Колку е атрактивен?

Последните неколку години, Škoda работи на подобрување на својот имиџ, а додека ја возевме новата Octavia, ги забележавме ефектите од тоа, преку коментарите од минувачите и од возачите. Можеби Octavia не е супер-атрактивен модел, но тоа е имиџ што со квалитетните производи како овој автомобил, дефинитивно се менува.

Заклучок

Основниот модел на Octavia со 1,2 бензинскиот мотор е достапен на пазарот со цена од 13.790 евра, додека моделот што ние го возевме, штедливиот 1.6 TDI со 105 коњски сили е достапен за  16.690 евра.

Коментирај