Возевме

Возевме: Passat 2.0 TDI Вluemotion

23. март 2015 - 14:46 | Димитар Петровски / Фото: Кајгана

Неодамна го имавме новиот Volkswagen Passat за тест возење, а впечатоците од него ни се многу позитивни. Речиси се на овој автомобил е ново или подобрено во однос на претходната генерација, а со овој модел, Volkswagen нуди премиум автомобил без високата премиум цена. Чувството додека сте во него е вистински пријатно, а возењето е лесно, удобно и влева чувство дека сте во целосна контрола.

Дизајн

Новиот Passat го задржува препознатливиот изглед на седанот на Volkswagen, но доаѓа со многу поагресивна предница. Благодарение на новата MQB платформа автомобилот е полесен за околу 100 килограми, има поголемо меѓуоскионо растојание што нуди подобра стабилност и управливост, како и повеќе простор за патниците.

Една работа што веднаш се забележува се LED светлата кои се во чекор со најсовремените технологии, а даваат одлична прегледност во ноќните услови на возење.

Ентериер

Педантно изработениот ентериер оддава впечаток на автомобил од повисока класа, а тоа пред се се должи на квалитетните материјали, бројните функции и одличната изработка. На тест возењето го имавме моделот со највисокото ниво на опременост - Highline, кој прави вистински да уживате секогаш кога ќе влезете во автомобилот.

Управувачот нуди функции за контрола на инфотејнмент системот, за прегледување на бројните функции на автомобилот, како и за круз-контролот. Посебно убави се дрвените детали во внатрешноста, како и интересниот дизајн на отворите за вентилација.

Аголот на седење на задната клупа е вистински удобен, а новата генерација на седанот нуди повеќе простор за нозете, како и генерално повеќе комфор.

Каков е за возење?

На располагање за ова тест возење го имавме моделот Passat 2.0 TDI Вluemotion со 150 коњски сили, 6-степен DSG менувач и погон на предните тркала. Ова е еден од оние автомобили кои зрачат со елеганција, па кога ќе влезете во него сакате да пуштите некој добар модерен џез и да уживате во патувањето.

Штом ќе тргнете на возење, првата работа што се забележува е беспрекорната работа на автоматскиот менувач, како и лесната управливост на автомобилот. Речиси немате чувство дека возите голем седан од 1.500 килограми бидејќи контролирањето на возилото е вистински едноставно.

Дизел агрегатот кој испорачува 150 коњски сили е добар микс на штедливост и сила, а од вас зависи на кој сегмент ќе се фокусирате при возењето. Забрзувањето од 0-100 километри на час кај овој модел е за 8,7 секунди, а максималната брзина е 220 километри на час.

Една од функциите што ја има овој Passat е технологијата за автоматско паркирање. Без оглед на тоа колку сме запознаени со постоењето на оваа технологија и колку видеа имаме погледнато, моментот кога сте на возачкото седиште, а автомобилот самиот се движи и го врти управувачот за да се паркира, секој пат делува подеднакво вознемирувачки и воодушевувачки. Тоа е уште еден потсетник за тоа колку е напредната технологијата кај автомобилите во последните години.

Што ни се допадна?

Вистински ни се допадна што се вози со леснотија и не оддава чувство дека управувате со голем автомобил. Исто така, сите системи и гаџети во новиот Passat го прават позабавен за возење, но и во голема мера му помагаат на возачот.

Колку е атрактивен?

Изгледот на предната маска и релативно ниската линија на покривот го прават атрактивен на еден ненаметлив начин иако акцентот кај овој модел не е на атрактивноста, туку на комфорноста на патниците, безбедноста и префинетоста која доликува на повисоките класи. Сепак, врвните модели кои располагаат со 190 или 240 коњски сили и го прават нагласено атрактивен модел.

Заклучок

Новата генерација на Volkswagen Passat носи многу новини и врвни технологии за оние што сакаат да уживаат возењето. Со квалитетот и префинетоста претендира да биде конкуренција за повисоките класи, а со цената од 22.990 евра за основниот дизел модел ќе привлече многу купувачи.

Коментирај