Возевме

Возевме: Porsche Cayman GTS

23. април 2015 - 16:16 | Димитар Петровски

Деновиве низ Македонија поминува Porsche Road Tour и како дел од неа имавме прилика да запознаеме и да тестираме некои од најатрактивните модели на германската компанија. Од моделите што ги имавме на располагање го тестиравме Cayman GTS, свртевме круг со кабриолетот Boxster S, и имавме прилика да го почувствуваме забрзувањето на моќниот Carrera 911 Turbo S.

Седнувањето зад воланот на овие престижни скапи спортски модели почна со задолжителната лекција за тоа како треба да се држи управувачот, каква да биде возачката позиција и кои се некои од функциите на моќниот автомобил.

Најмногу време поминавме со атрактивниот жолт автомобил Cayman GTS. Станува збор за многу забавен автомобил, кој изгледа убиствено, а располага со звук и заврзување кој изнудуваат насмевка секој пат кога вртежите ќе почнат да се зголемуваат.

Дизајн

Дизајнот на Cayman GTS не отстапува многу од препознатливиот изглед на Porsche, но има многу детали кои го прават поразличен од 911. Она што особено ни се допадна е изгледот на задницата со атрактивниот дизајн на светлата и мускулестите контури на крилата над тркалата. Големите црни алуминиумски тркала и тенките гуми само го комплетираат спортскиот изглед.

Ентериер

Cayman GTS е опремен со спортски седишта кои се поставени многу ниско и убаво го „гушкаат“ телото на возачот, па на тој начин овозможуваат тој да биде добро прицврстен при поагресивно возење. Автомобилот кој има место само за два патници изобилува со опрема, а конзолата слично како и кај останатите модели на компанијата е поставена за идеална прегледност.

Каков е за возење?

Едноставниот одговор е многу брз и многу забавен. Моделот што го возевме има 6-цилиндарски 3,4 литарски бензински мотор кој испорачува 340 коњски сили, а силата се пренесува на задните тркала преку PDK 7-степениот менувач. Забрзувањето до 100-ка со помош на Lounch Control функцијата изнесува само 4.3 секунди, а максималната брзина е 283 километри на час.

Интересно е што автомобилот може да се трансформира од автомобил што би можеле да го возите секој ден, до вистински ѕвер кој е подготвен да се натпреварува на патека. Едноставниот начин за менување меѓу овие два „карактера“ е Sport plus опцијата. Штом ќе ја активирате, Cayman GTS се трансформира во тркач кој има поинаков звук на моторот, поинакво реагира на вашите команди со управувачот и гасот и добива покрута амортизација.

Она што го прави посебно интересен е што ви дава на знаење дека е расположен за игра и дека може многу да се забавувате додека го возите. Една од работите што ќе им се допадне на љубителите на автомобилите, е звукот кој го испушта благодарение на спортскиот издув.

Заклучок

Cayman GTS е вистински автомобил за оние кои го сакаат Porsche искуството, но сакаат нешто поинакво и подостапно од 911. Основниот модел на Cayman е 64.973 евра, а GTS верзијата чини 90.414 евра. Моделот што ние го возевме со сета дополнителна опрема чини 110.985 евра.

Porsche Carrera 911 Turbo S

Покрај Cayman GTS, имавме прилика да видиме како изгледа забрзувањето од 0-100 километри на час за само 2.8 секунди, благодарение на Lounch Control опцијата во Porsche Carrera 911 Turbo S.

Најдобриот начин да се опише е како лансирање кое се чувствува во утробата и кое буквално ве лепи за седиштето, додека адреналинот почнува да ја врши својата работа низ телото, а очите го замаглуваат периферниот вид за да се фокусирате на патот пред вас. Сепак, без разлика на тоа како ќе ви го раскажеме, ова е едно од оние чувства што мора да се доживеат за да ги разберете целосно.

Коментирај