Синоќешната програма од плејофот на НБА лигата донесе неколку фантастични натпревари, но оној помеѓу Портланд Трејл Блејзерс и Оклахома Сити Тандер стави совршен крај на вечерта. Демијан Лилард му донесе победа на неговиот тим со неверојатен шут од скоро половина терен, во буквално последната секунда од натпреварот.
Портланд Трејл Блејзерс се пласираше во втората рунда од плејофот откако го порази тимот на Оклахома Сити Тандер со 118:115 и ја заврши серијата во пет натпревари (4-1).
Во моменти кога на тимот му беше најпотребно, Демијан Лилард беше подготвен да ја преземе одговорноста и да му ја донесе победата на Портланд. Тој постигна 50 поени во натпревар кога ниту еден од неговите соиграчи не постигна повеќе од 17, а го заврши мечот со погоден шут за победа од скоро половина терен, и тоа во последниот момент од натпреварот.
На спротивната страна, Пол Џорџ и Расел Вестбрук имаа солидни партии, но не можеа да го решат натпреварот во нивна корист. Џорџ го заврши мечот со 36 поени и 9 скока, додека Вестбрук повторно забележа трипл-дабл од 29 поени, 11 скока и 14 асистенции, но Расел имаше (за него) препознатлив плејоф меч со шут од поле 11/31.
Останати резултати:
Торонто Репторс – Орландо Меџик 115:96
Филаделфија Севентисиксерс – Бруклин Нетс 122:100
Денвер Нагетс – Сан Антонио Спарс 108:90