Македонија

Заев се сретна со Ахмети во рамки на консултациите по одлуката на Советот на ЕУ

18. октомври 2019 - 20:53 | МИА

Скопје, 18 октомври 2019 (МИА) – Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, потврдуваат партиски извори за МИА.

Оттаму велат дека на средбата се разговарало за актуелната состојба поврзана со недобивањето на датум за почеток на преговори со Европската Унија.

Истите извори брифираат дека Заев и Ахмети ја истакнале посветеноста за унапредување на процесот на реформи во пресрет на зачленувањето на државава во НАТО.

Дел од медиумите јавија дека Ахмети го убедувал Заев да не поднесува оставка и да не брза со носење одлука.

Претходно, Владата информираше дека премиерот спроведува интензивни консултации на различни нивоа и оти одлуките ќе се носат исклучиво согласно највисоките интереси на државата и на граѓаните.

Од Владата соопштија дека премиерот остварил комуникација и со првите луѓе на владите на Германија, Шведска, Бугарија, Словенија, Малта и со други европски лидери и со еврокомесарот Јоханес Хан кои упатиле јасна порака со поддршка за државата и за граѓаните да продолжат по патот на реформите и интеграциите. 

Коментирај