Заврши снимањето на серијата The Penguin за смртниот непријател на Бетмен, Освалд Коблпот, познат како Пингвинот.
Колин Фарел, кој го играше Пингвинот во филмот The Batman од 2022 година, повторно ја игра улогата на ноторниот негативец.
Во моментов, точниот датум кога серијата ќе биде достапна за гледање на HBO Max сè уште не е познат, но потврдено е дека тоа ќе биде во 2024 година.
Лорен Лефранк е на чело на многу очекуваната серија, а режисерот на The Batman, Мет Ривс, е извршен продуцент. Приказната за спин-оф серијата продолжува со Коблпот во главната улога, откако во филмот е претставен како главен поручник на Кармajн. Пингвинот го започнува својот подем за да стане еден од најозлогласените криминални господари во Готам.
Фановите на универзумот на DC во серијата можат да очекуваат нови поглавја кои ветуваат подолго истражување на мрачното и сложено криминално подземје на Готам.
Актерската екипа е многу импресивна, а покрај Фарел во серијата се појавуваат и Кармен Ејого и Мајкл Кели за кои засега не се знае кои ликови ќе ги глумат. Кристин Милиоти и Мајкл Зеген треба да ги играат Софија и Алберто Фалконе, децата на покојниот Кармајн Фалконе, чии амбиции и лојалност несомнено ќе играат клучна улога во драмата што се развива.
Актерката Кармен Ејого ја сподели веста за крајот на снимањето на Instagram и објави фотографија со натпис: „Направивме нешто епско. Едвај чекам да го споделам со вас“.