Нареден пат кога ќе кренете рака на некој комарец или друг инсект кој ви лази по раката, добро размислете пред да го сплескате. Лекарите велат дека "хемијата" на инсектите може да помогне во лекувањето на многу сериозни болести.

Група стручњаци од институтот за ентомологија и биолошко истражување во Австралија (CSIRO), чија работа е директно финансирана од тамошната влада, започна со истражување на лековитите својства од досега игнорираните природни извори - инсектите.
Научниците оваа година планираат од околу 250.000 билки да извлечат што е можно повеќе лекови кои ни ги подарува природата, но тоа е далеку помалку од ензимите и молекулите кои ги произведуваат близу 4.000.000 инсекти со кои ги делиме благодетите на нашата планета.
Стручњаците од австралиската компанија Ento се пионири на ова поле, затоа што тие се први во светот кои започнуваат истражување поврзано со корисните хемиски состојки од инсектите, во борба против болестите кај човекот.

"Традиционалната кинеска медицина со векови користи инсекти во борба против различни болести, но дури сега, со помош на најновите технолошки достигнувања, може целосно да ги искористиме инсектите за добивање на лекови", изјави водачот на тимот на стручњаци - Стивен Троел.
"Австралија е идеална локација за ова истражување, затоа што најмалку 10% од сите врсти на инсекти живеат во Австралија, а најголемиот број од нив живеат само на нашиот континент", додаде тој.