Книги

Зимска предлог листа за читање

27. декември 2016 - 20:59 | Билјана Стефановска-Богоеска / Маја Танушоска

Зимата е пред нас, а време е да ја објавиме новата листа со предлози за читање. Од историски книги до психолошки и трилер романи, еве што одбравме за вас.

1. „Шпионка“ – Пауло Коелјо

Најновата книга на познатиот писател Пауло Коелјо е посветена на Мата Хари, фатална жена која била обвинета за шпионка во текот на Првата светска војна. Во овој краток роман, авторот се осврнува на писмото што Мата Хари го посветува на ќерка си и во него е доловена нејзината верзија на настаните.

Од обична девојка од Холандија Мата Хари прави пресврт на сопствениот живот, претворајќи се во жена со моќ преку танцот да заведува моќни мажи. Нејзиниот краток живот завршува неславно, таа е обвинета за шпионка и егзекутирана од страна на Франција. Но, како може една од најславните жени во тоа време да биде шпионка?

Идната година, 100 години по нејзината смрт, Франција ќе ги обелодени доказите со кои Мата Хари е обвинета и осудена на смрт, па светот конечно ќе ја дознае вистината.

2. „Часови по секс“ – Даниел Грант

Џејмс Кенеди е успешен банкар, згоден маж и опасен женкар, но има еден многу голем проблем. Во сексот не му оди баш најдобро, па затоа бара решение и помош за неговиот проблем од стриптизерка, девојка која може да му понуди многу на ова поле.

И додека Џејмс се обидува да го реши проблемот со неговата ерекција, се запознава со млада, нова и амбициозна колешка која не сака да ја изневери на сексуален план. Дали овој пат ќе му успее да оди до крај? Книгата е напишана од хумористичен и искрен машки поглед и се осврнува на еден од најчестите проблеми со кои мажите се соочуваат, а не знаат како да го решат.

3. „1984“ – Џорџ Орвел

Листава не би била целосна без еден класик, а овој пат го одбравме романот „1984“ од англискиот писател Џорџ Орвел, напишана во 1949 година. Винстон Смит е човек кој живее во новосоздадено општество каде секој е набљудуван, прислушкуван и надгледуван. Тој работи во Министерството за вистина и е одговорен за менувањето на верзиите на настаните, уништувајќи оригинални документи и поставувајќи нови, кои докажуваат за делата на енигматичниот лидер, Големиот Брат. Тој почнува да пишува дневник во кој ги запишува своите мисли и чувства, во моменти за кои верува дека никој не го набљудува.

Неговиот живот се менува по пристапот на О’Брајан, сакајќи да стане дел од отпорот, тајна организација која сака да ја уништи Партијата. Но, работите не се одвиваат според планираното.

4. „Лажејќи на каучот“ – Ирвин Јалом

Овој роман е предлог за оние кои сакаат добри психолошки романи. Јалом е психијатар, но и одличен писател кој знае како да ја долови приказната до читателот и да го ожедне за повеќе детали.

Јалом во овој роман автентично прикажува како функционираат умовите на психијатрите, како се формира нивниот однос со пациентите и со какви ликови тие си имаат работа. Всушност, романот покажува за што размислуваат психијатрите во текот на сеансите, водејќи го дејството преку приказна чиј крај изненадува.

5. „Оксфордски убиства“ – Гилјермо Мартинес

„Оксфордски убиства“ е книга на аргентинскиот писател Гилјермо Мартинес, кој годинава беше гостин на Саемот за книги во Скопје. Оваа книга издадена во 2003 година, привлече големо внимание, а интересот на читателите беше повод за да се направи филмска адаптација (The Oxford Murders) со Илајџа Вуд и Џон Харт во главните улоги, која сепак не наиде на премногу добри критики.

Дејството започнува кога еден аргентински студент  доаѓа во Оксфорд и многу бргу по неговото пристигнување, започнуваат низа енигматични убиства во кои убиецот користи математички симболи и шифри, преку кои ги најавува своите идни цели. Студентот всушност е и наратор на дејството, така што читателот ги согледува работите од негов аспект. Овој студент заедно со професорот по логика, Артур Селдом, се обидуваат да ги одгатнат знаците за да го најдат серискиот убиец, но се чини дека секогаш се еден чекор назад.

6. „Тајната на сопругот“ – Ли Ен Мориарти

Што ако ви се понуди можност да откриете тајна на некоја блиска личност? Дали би биле премногу љубопитни и без размислување ќе сакате да знаете што крие или пак сепак не би си играле со оган?

Сесилија (еден од главните ликови во книгата) е жена која случајно открива писмо што го напишал нејзиниот сопруг пред многу години, а кое треба да се отвори по неговата смрт. Проблемот е што сопругот е жив, а Сесилија не може да одолее на писмото. Штом писмото е отворено, Сесилија дознава мрачна тајна која ја шокира и комплетно го разнишува нејзиниот свет.

7. „Раскажувачка“ – Џоди Пико

Сејџ е девојка која сака да се скрие од светот. По губењето на нејзината мајка, таа работи само ноќна смена во пекарница, прави прекрасен леб и се обидува да не привлекува премногу внимание. Нејзиниот живот се менува кога ќе се спријатели со еден старец кој е пензиониран наставник, тренер и мошне сакан лик во заедницата. Тој има скриен мотив поради кој се спријателува со Сејџ – сака таа да му прости за многуте ужасни работи што ги сторил. Овој сакан старец, пред Сејџ ќе ја открие вистината за своето минато и од неа ќе побара не само прошка, туку и таа да биде негов егзекутор.

8. „Големи  мали лаги“ – Лиен Мориарти

Уште една прекрасна книга на австралиската авторка Лиен Мориарти. Големи мали лаги е издадена во  2014 година и ги следи животите на три жени чии деца одат во иста градинка. Џејн е новата девојка со повлечен карактер, Меделин е бунтовна жена која секогаш сака да истера некаква правда, а Селест  е убавица која е навистина богата – сите тие имаат различен животен стил , проблеми и карактер, но тоа не ги спречува да бидат добри пријателки.  Сите имаат тајни и тие полека се отплеткуваат, а резултатот е смртен случај, кој полицијата го истражува.

Оваа книга исто така ќе добие своја адаптација и тоа во вид на мини серијал насловен Big Little Lies што ќе започне да се емитува во февруари следната година на HBO,  а во кој главните улоги ги толкуваат Рис Витерспун, Никол Кидман и Шејлин Вудли.

9. „Кој сее ветар“ – Неле Нојхаус

„Кој сее ветар“ е дело на авторката Неле Нојхаус, која се прослави со книгата „Снежана мора да умре“. Во оваа книга детективката Пија Кирхоф и нејзиниот надреден Оливер Боденштајн се вклучуваат во истрагата на еден мошне тежок случај кој започнува со пронаоѓањето на мртов ноќен чувар. Случајот има поврзаност со изградбата на ветерна електроцентрала – голема инвестиција, на која се бунтува локалното население и една посебна граѓанска иницијатива.

Како што работите одат по својот тек, така нештата стануваат покомплицирани и побрутални. Дури и Оливер Боденштајн нема да може да ја задржи својата објективност, бидејќи неговото семејство и љубовен живот ќе се испреплетат со случајот, што ќе ја стави Пија во тешка позиција.

10. „Алекс“ – Пјер Леметр

Шансата да пронајдете киднапирано лице се намалува со секој изминат час.  Она што треба да го знаете е дека Алекс не е обична девојка. Дури и кога се наоѓа во невозможна ситуација – во студена просторија, збиена во мал кафез, претепана, понижена и гладна, таа сè уште поседува неверојатна способност да истрае.

Детективот Верховен, пак, е  оној што треба да ја најде Алекс. И како поминува времето, така тој се соочува со премногу пречки. Постојат преголем број неодговорени прашања – Која е Алекс? Зошто никој од нејзините блиски не ја пријавил за исчезната? Но, одгатнувањето на нејзиниот идентитет ќе стане уште поважно, кога Верховен ќе навлезе подлабоко во случајот и ќе открие низа брутални убиства кои имаат врска со Алекс.

Коментирај