Од мали не' учат дека доброто секогаш победува, ама добрите револвераши од каубојските филмови изгледа не победуваат во дуели затоа што се добри по душа, туку затоа што покасно реагираат.

Нобеловецот и квантен физичар Нилс Бор, инспириран од фактот дека лошите момци во вестерн филмовите секогаш први го вадат пиштолот и секогаш го губат дуелот, смислил теорија според која оној кој последен ќе посегне по пиштолот, всушност побрзо реагира затоа што дејствува без размислување. Поинаку, се движиме побрзо кога реагираме на нешто во нашата околина, отколку кога самите го иницираме тоа дејство.
Научниците од универзитетот во Бирмингем пак, иснпирирани од теоријата на Бор, направиле експеримент со цел да пронајдат и практичен доказ за тврдењето на нобеловецот и успеале во тоа. Имено, резултатите од лажните дуели покажале дека волонтерите од истражувањето кои доцнеле во посегањето по оружјето, биле побрзи во реакцијата за 10 проценти од своите “противници“.
“21 милисекунда можеби излгеда како мала разлика и веројатно тој временски интервал не би не' спасил во дуел на Див Запад затоа што на нашиот мозок му се потребни 200 милисекунди за да сфати што нашиот противник прави. Но, сепак 21 милисекунда може да значи живот или смрт кога би требало да избегнеш автобус кој се движи кон тебе“, вели др. Велчман, објаснувајќи ги резултатите од истажувањето, кои беа објавени во фебруарското издание на списанието Proceedings of the Royal Society B.
Тој додава и дека овие резултати можат да помогнат во развивање на стратегии за подобрено рехабилитрање на луѓе кои доживеале мозочен удар, како и за справување со симптомите на Паркинсоновата болест.
И.Е. | Кајгана