Гелинда Помер, сопственичка на куќата во која во 1889. се родил Адолф Хитлер, сака да ја продаде за цена од околу 2 милиони евра. Локалните власти во австриското градче Браунау не се воодушевени и настојуваат да пронајдат начин да ја сопрат продажбата бидејќи стравуваат дека куќата би можела да дојде во рацете на некој десничарски екстремист кој би ја претворил во гротескно „светилиште“ во чест на нацистичкиот водач.
Градоначалникот на Браунау Герхард Скиба изјави дека би било идеално доколку родната куќа на Хитлер дојде во сопственост на градот, но проблемот е што градот нема доволно пари да ја купи, па најави дека доколку сопственичката инсистира на продажба, тој ќе побара финансиска помош од властите во Виена.
На првиот кат во куќата од 185 м2, Клара и Алоиз Хитлер изнајмиле соба во која на 20. април 1889. година се родил малиот Адолф.
Во приземјето имало пивница, место во кое таткото на Адолф поминувал прилично долго време. Фамилијата Хитлер во куќата живеела до 1892. Во куќата денес нема ништо што би потсеќало на Хитлер, дури и неговата соба денес не постои. Некои историчари предлагаат таму да се направи музеј, но Скиба е против тоа бидејќи не сака Браунау да се поврзува со фирерот.