Мјузикл комедијата „La La Land“ е големиот победник на годинешното доделување на филмските и телевизиски награди Златен глобус, кое се одржа синоќа во Лос Анџелес.
Филмот кој раскажува за романсата на младата актерка и џез музичарот „La La Land“ беше фаворит со седум номинации и ги освои сите седум награди, поставувајќи рекорд во освоените награди за еден филм: за најдобра комедија, најдобро сценарио, најдобар режисер, најдобра музика и најдобра оригинална песна, а главните актери во филмот Ема Стоун и Рајан Гослинг, исто така се наградени.
Младиот режисер Демиен Шазел им се заблагодари на продуцентите затоа што „ризикувале со филмот и верувале дека постои публика за ваков филм“.
Филмот „Moonlight“, за млад црнец хомосексуалец кој расте покрај мајката зависничка, освои Златен глобус за најдобра драма, а Кејси Афлек за најдобар драмски актер во „Manchester by the sea“.
Аарон Тејлор-Џонсон во „Nocturnal Animals“ и Виола Дејвис во „Fences“, адаптација на театарски претстави, се прогласени за најдобри споредни актери на филм.
Францускиот филм „Elle“ е прогласен за најдобар филм на странски јазик, а неговата главна актерка Изабел Ипер за најдобра актерка.
Телевизиските Златни глобуси им припаднаа на сериите „The Night Manager“, „American Crime Story: The People vs O. J. Simpson“, „The Crown“, и секоја освои по неколку награди.